И покрај тоа што изминативе денови кружеа шпекулации дека веќе се воспоставени контакти со Тото Волф и Мерцедес, сепак, четирикратниот светски шампион Макс Верстапен, најверојатно, наскоро ќе замине во пензија. Ова доаѓа откако призна дека повеќе не ужива во возењето во Формула 1.
- Во моментов размислувам за сè. Кога не уживате во спортот, се прашувате дали вреди или е подобро да поминувате повеќе време со семејството и со пријателите – истакна Верстапен.
Иако сите мислеа дека лошиот перформанс на болидот е најголемиот проблем за неговата можна одлука, сепак, причината е поинаква.
- Можам да прифатам да бидам седми или осми бидејќи е невозможно секогаш да се победува. Реален сум за тоа. Се обидувам да се приспособам, но начинот на кој мора да се вози сега не е природен за еден тркач. Во одреден момент, тоа едноставно не е она што сакам да го правам – додаде Верстапен.
Тој нагласува дека парите не се одлучувачки фактор при донесувањето одлуки.
- За да бидете успешни, пред сè, мора да уживате во она што го правите. Во моментов, давам сè од себе, но на начин што не е здрав бидејќи не уживам во возењето – нагласи Холанѓанецот.
Инаку, Верстапен заврши осми на трката во Јапонија, трета од шампионатот во Формула 1 оваа сезона, што е големо разочарување за него и за Ред бул во новата ера на електрични болиди.











