Британскиот крал Чарлс Трети ќе престојува во државна посета на Соединетите Американски Држави (САД) на крајот на април, потврди денес Бакингемската палата, бидејќи британската влада ја гледа толку високопрофилната посета како начин за подобрување на односите со американскиот претседател Доналд Трамп по несогласувањата околу војната во Иран.
Кралот Чарлс и неговата сопруга Камила ќе ги посетат САД како дел од посетата по повод 250 години независност на Америка од британската власт, објави „Ројтерс“.
Програмата на посетата е планирана за прослава на историските врски и современите билатерални односи, додаде палатата во соопштението.
Ова ќе биде првата државна посета на британски монарх откако кралицата Елизабета Втора ги посети Соединетите Американски Држави во 2007 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека со нетрпение ја очекува можноста да го угости британскиот крал Чарлс на 28 април и дека посетата е особено важна во годината што ја одбележува 250-годишнината од независноста на САД.
„Меланија и јас сме многу задоволни што објавуваме дека Нивните Кралски Височества, кралот и кралицата на Обединетото Кралство, ќе бидат во историска државна посета на Соединетите Американски Држави од 27 до 30 април, што ќе вклучува прекрасна вечера во Белата куќа на 28 април“, објави Трамп на социјалната мрежа „Трут соушал“ (Truth Social).












