четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Црвен пипер, дињи, лозје…“ – мајката на Ристов тврди дека таа ги...

Црвен пипер, дињи, лозје…“ – мајката на Ристов тврди дека таа ги криела 350.000 евра во ѕидот

0

Донка Ристова сведочеше дека парите пронајдени во куќата во Неготино биле нејзини и на сопругот Здравко, заработени од земјоделство. Обвинителката ја праша како е можно при претресот да не биле пронајдени нејзини или траги од сопругот, туку само од синот Ѓоко.

На денешното рочиште за случајот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов сведочеше неговата мајка Донка Ристова, која пред судот ја потврдуваше тезата на одбраната дека 350.000 евра пронајдени во ѕидот на семејната куќа во Неготино се пари заработени од земјоделство.

Донка Ристова раскажа дека парите биле чувани во ниша зад фрижидерот, зад стара плочка која, како што рече, била поставена уште кога била изградена куќата.

„Тоа беше моето место каде си чував пари, горната ниша позади фрижидерот. Плочката беше залепена на четири места и таму си најдов згодно место. Стара плочка, од 1975 година па наваму, кога ја направивме куќата. Тоа што ќе ни останеше си ставав таму, во таа згодна плочка како прозорче.“

Таа рече дека парите цел живот ги заработувале со сопругот како земјоделци, одгледувајќи бостан, пипер, дињи и лозје, и продавајќи ги производите по пазари.

„Ние сме земјоделци. Бостан, пипер, диња… секаде по пазарите, од Горни Милановац, нема кај не сум била по пазари. Кога насадивме лозје, имавме голем профит од него.“

Според неа, никој не знаел за парите освен неа и сопругот. Парите ги чувале завиткани во бела фолија и ставени во кесичка, по што ги оставале во дупката зад плочката.

„Ако продадам црвен пипер во Прилеп, ќе си купам марки, а потоа ги претворивме во евра. Да не бидат од 50 евра, ги претворавме во покрупни, да не фаќаат место.“

На прашањето кога последен пат набавувале евра, Донка одговори дека парите биле нејзини и на сопругот и објасни зошто не ги чувале во банка.

„Тие пари се лично мои и на Здраве, сопругот. Не се во банка оти од 30 илјади не гарантира повеќе. Цела банка ја затворија, луѓето се бесат, службеници си вадат пари од сметки, немав гаранција.“

Ристова рече дека парите ги чувала и со намера еден ден да ѝ послужат за престој во геријатрија.

„Парите ми беа децата да ми платат кревет во геријатрија. Бараат таму 100 илјади евра.“

Пред судот објасни и дека ливчињата со запишани износи, кои биле пронајдени при претресот, ги пишувала таа.

„Тие ливчиња јас си ги пишувам, во зависност од сумата.“

На прашањето од адвокатот дали Ѓоко некогаш ѝ дал пари, таа одговори:

„Ѓоко никогаш не ми дал пари. Не барам од децата. Сè е од мојата работа, од земјоделие.“

Донка Ристова, која во текот на сведочењето раскажуваше за работата на семејството, на крајот рече дека цел живот работела за да обезбеди пари.

„Човек што е вреден, прчали. При два ноќе сум плетела, три рода земјата ни даваше.“

Обвинителката: Како тогаш нема ваши траги?

Во вкрстеното испрашување обвинителката Искра Хаџи Василева ја праша Ристова дали во текот на истрагата ѝ бил земен брис за биолошки материјал.

„Дали во текот на истрагата против синот ви земаа биолошки материјал, брис?“, праша обвинителката.

„Да, ми земаа“, одговори таа.

Обвинителката потоа ја праша дали е сигурна дека токму таа ги ставала парите во ѕидот.

„Да, јас.“

На прашањето дали до пред четири години ги ставала парите таму, таа одговори потврдно.

Ристова објасни и дека сопругот ги менувал парите во менувачници.

„Од 2000 година си купувавме маркички, кога се смени, си ги менувавме од менувачници.“

На прашањето дали ги ваделе парите од ѕидот и повторно ги враќале, таа одговори: „Така е.“

Обвинителката ја праша и за имотот и вложувањата на семејството, меѓу другото дали му помогнала на Ѓоко со 70.000 евра и дали им помагала и на другиот син.

„Да, така.“

Беа поставени и прашања за фотоволтаиците и недвижностите во кои биле вложувани пари. Ристова потврди дека нивата ја стопанисувала нивна фирма и дека таа ја направила продажбата, а парите биле уплатени кај Круме. За становите рече дека ги очекуваат да бидат доградени.

На прашањето од адвокатот зошто парите од фотоволтаиците ги вложила во станови, таа одговори:

„Пари од недвижност да ги вложам во недвижност. Тоа ми беше аманет од татко ми.“

Најдиректното прашање до мајката на Ристов, сепак, го постави судијката. Таа ја праша како е можно, доколку Донка ги ставала парите во фолиите, при претресот да не е најден нејзин биолошки материјал, ниту од сопругот, туку само од синот Ѓоко.

„Како, доколку вие сте ги ставале парите на фолиите, не е најден ниту ваш, ниту на сопругот материјал, туку само на синот Ѓоко?“, праша судијката.

Донка Ристова одговори:

„Не верувам. Тоа е чисто мое.“

За време на сведочењето, Ѓоко Ристов, кој го следеше исказот на мајка му од обвинителна клупа, во дел од времето црташе во тефтерот пред него. При вкрстеното испрашување, според сведочењето, бил вознемирен, а неговиот адвокат го смирувал.

По Донка Ристова, пред судот треба да сведочи и нејзиниот сопруг Здравко Ристов.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ