Цените на природниот гас во Европа достигнаа највисоко ниво во последните три и пол години, во период кога земјите од Европската Унија интензивно ги полнат складиштата пред зимската грејна сезона, но се соочуваат со зголемена неизвесност поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и нарушувањата во глобалните енергетски текови.

На холандската берза ТТФ, која е главен репер за цените на гасот во Европа, гасот за испорака во август утрово накратко достигна цена од 63,94 евра за мегават-час. Ова е највисока вредност од втората половина на јануари 2023 година, а претставува пораст од 2,2 проценти во однос на претходното затворање. Во текот на вчерашниот ден цената благо се стабилизираше на 62,09 евра за мегават-час, но и понатаму остана на највисоко ниво во изминатите повеќе од три години.

Главен фактор за зголемувањето на цените е загриженоста на пазарите околу сигурноста на снабдувањето, особено поради нарушувањата во транспортот на енергенти и неизвесноста поврзана со испораките на течен природен гас (ЛНГ). Дополнителен притисок создава и состојбата со европските складишта. Според податоците на „Гас Инфраструктура Европа“ (ГИЕ), складиштата во Европската Унија во средата биле исполнети со 54,38 проценти од капацитетот, што е значително помалку во споредба со истиот период минатата година, кога резервите достигнувале 65,36 проценти.

Европските енергетски регулатори предупредуваат дека темпото на полнење на складиштата оваа година е под десетгодишниот просек и е послабо од минатогодишното. Агенцијата на ЕУ за соработка на регулаторите за енергија (ACER) оцени дека почетната позиција пред летната сезона на складирање била послаба од претходните години.

Во април, кога почна сезоната за полнење на складиштата, просечното ниво на резерви во ЕУ изнесувало само 28 проценти од капацитетот, што претставува најниско ниво во споредба со почетокот на последните три сезони.

Според процените на ACER, европските земји би можеле да достигнат 80 проценти исполнетост на складиштата до октомври доколку увозот на течен природен гас остане на минатогодишното ниво. За исполнување на целта од 90 проценти до ноември, ќе биде потребно зголемување на увозот на ЛНГ за околу 13 проценти.

Анализите покажуваат дека Европската Унија сè повеќе се потпира на увозот на течен природен гас, кој веќе покрива околу половина од вкупниот увоз на гас во Унијата. Норвешка останува еден од најважните снабдувачи на европскиот пазар, обезбедувајќи околу една третина од природниот гас што го користи ЕУ. Дополнителен проблем претставува неизвесноста околу испораките на ЛНГ од Катар, кои беа погодени од воените тензии и нарушувањата во поморскиот транспорт преку Хормускиот Проток.

Иако краткотрајното примирје во средината на јуни овозможи дел од блокираните пратки да продолжат, новото заострување на конфликтот повторно ја зголеми нервозата на енергетските пазари. Европската Унија во меѓувреме продолжува со политиката на намалување на зависноста од рускиот гас, со постепено ограничување на увозот преку гасоводи и планови за прекин на набавките на руски течен природен гас.

Енергетските аналитичари предупредуваат дека следните месеци ќе бидат клучни за стабилноста на европскиот пазар, бидејќи нивото на резервите, глобалната понуда и геополитичките случувања ќе имаат директно влијание врз цените на гасот и трошоците за домаќинствата и индустријата.

ИЗДВОЕНИ