Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со поддршка од Светската здравствена организација, почнаа дискусија за можните промени во системот на боледувања. Целта е да се намали непотребната администрација за пациентите и за лекарите, но истовремено и да се воведат подобри контроли таму каде што постои сомнеж за злоупотреби.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека податоците од системот „Мој термин“ покажуваат значителен раст на кратките боледувања. Во 2025 година биле регистрирани повеќе од 300.000 боледувања до 30 дена, што е за 33 проценти повеќе отколку во 2021 година. Бројот на луѓе што користеле боледување не пораснал многу, но секој осигуреник во просек користел повеќе боледувања – од 1,8 во 2021 година на 2,3 во 2025 година. Најчеста причина за отворање боледување се инфекциите на горните дишни патишта, а веднаш потоа гастроентеритисот (стомачни инфекции), за кој во изминатата година биле отворени повеќе од 10.000 боледувања.
Кај долгите боледувања, кои траат повеќе од 30 дена, бројот останува речиси ист – околу 25.000 годишно. Но, значително се зголемиле парите што се исплаќаат за нив, поради што Министерството смета дека е потребно да се преиспитаат правилата, кои не се менувале уште од 2012 година. Како можни решенија беа презентирани искуствата од Србија и од Словенија. Во Србија, од почетокот на годинава, функционира електронски систем „Е-боледување“, преку кој се достапни сите податоци за боледувањата на едно место за граѓаните, работодавачите и за институциите. Во Словенија, пак, се воведени построги правила за лицата што се на боледување. Тие не смеат да работат друга работа додека користат боледување, а напуштање на државата е дозволено само од медицински причини и со претходна согласност од здравствениот фонд. Доколку се утврди злоупотреба, лицето е должно да ги врати парите што ги добило како надоместок за боледувањето.
Во расправата учествуваат и синдикатите, работодавците, стопанските комори, инспекциските служби, како и здруженијата на пациенти и на лекари, со цел сите заедно да предложат решение што ќе го олесни користењето на боледувањата, но и ќе спречи можни злоупотреби.












