Легендарниот Круме Спасовски, еден од најнаградуваните македонски фолк-пејачи, за весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press – Кога ги пеам тие стихови „сè кај неа пак ме тера, мирна реко, така е, мојот живот мака е, чудна жена беше Вера…“ кај нашите иселеници, срцето и мене ќе ми искочи од градите, додека носталгијата е пуштена на најсилно – искрено ни раскажа пејачот, кој пред неколку дена се закити со наградата „Златна бубамара на популарноста“
Круме Спасовски е македонска фолк-легенда кој пред неколку дена беше наградена на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста 2026“, закитен со големото признание за животно дело. А, кога се споменуваат неговите, се разбира, професионални животни дела, со чисто срце и душа можеме да констатираме дека тоа е, секако, големиот хит и ремек-дело во народната музика – „Чудна жена беше Вера.“ Оваа преубава македонска фолк-песна, „Чудна жена беше Вера“, уште поубаво испеана од Круме, е песна што не се заборава и воедно стана евергрин на овие простори. Сè уште се пее на сите можни веселби, празнувања, другарувања, свадби, манифестации… Подеднакво ја сакаат различни генерации, што се вели, од 8 до 88 години.
Инаку, песната е снимена во далечната 1974 година, на македонски јазик, и тоа да не ви се верува, за музичките потреби на тогашната Радио-телевизија Белград, во рамките на ЈРТ. Ретко кој знае дека прв продуцент на овој иден фолк-евергрин бил легендарниот Александар Сариевски. Пејачот што се прослави со „Чудна жена беше Вера“ е токму нашиот Круме Спасовски. Песната му ја обележа кариерата. Беше снимена на малата грамофонска плоча од Б-страната, но и покрај тоа стана голем хит. Таа беше и некој вид знак на препознатливост на неговиот солистички концерт пред некоја година, во Домот на АРМ во Скопје.
За тој многу успешен концерт пишуваше и весникот ВЕЧЕР, кога, како пишан медиум, беше специјално поканет од Круме. На неодамнешната „Златна бубамара на популарноста“, Круме мајсторски ја испеа песната и ја крена целата арена на нозе, која му се заблагодари со долг аплауз.
Ние се видовме со него овој викенд, си направивме муабет на промоцијата на новите песни на фестивалот „Владимирово 2026“, каде што ќе настапи и тој. Ни раскажа дека здравјето го служи, семејството го дружи и дека животните му се дел од секојдневието. Секој човек што ги сака животните, ги сака и луѓето. Таков е нашиот Круме. Никогаш намуртен. Полн со страст и енергија. Неговите песни се дел од македонската музичко-културна ризница.
Покрај оваа вековита, наградена песна, Круме има и други, многу убави песни („Дали знаеш, моме Милкано“, „Ах рани, рани“, „Бог да бие, Русе“, „Петлите пеат“, „Ферман дојде од Стамбола“, „Божја искра“, „Бог да бие џанум Наумчето“…), меѓу нив, според нас, и две понови, исклучително емотивни: „Фурнаџија“ и „Љубанци село наше“. За овие две песни пејачот направи незаборавна промоција во кругот на манастирот „Свети Јован Крстител“ во селото Љубанци. Спотовите се во режија на Владо Дојчиноски и се со потпис на „Mtm-studio“ од Прилеп. „Фурнаџија“ е дело на Мендо Ташкоски, задолжен за музиката и за аранжманот, а текстот е на Јонче Ангелевски. Свој придонес за идниот потенцијален домашен фолк-хит имаат Гоце Димовски на саксофон и кларинет, но и самиот Мендо Ташкоски на хармоника. „Љубанци село наше“ е на Огнен Неделковски како текстописец, додека оној највпечатливиот дел со кавал во песната го има Гоце Димовски, а со тамбура – Мендо Ташкоски.
Круме настапува и кај македонските иселеници во Австралија и во Канада. И таму публиката најчесто му ја бара „Чудна жена беше Вера“. Знаете и сами како изгледа тоа кога ќе ви ја погодат песната: летаат пари на сите страни, се кршат и чаши и чинии, се пие вино, ракија… Со тоа, со рефренот на песната, иселениците како да ја лекуваат носталгијата по родниот крај: „Чудна жена беше Вера, сè кај неа пак ме тера. Мирна реко, така е, мојот живот мака е, мирна реко, кажи ми кај ги носиш тие дни…“ Навистина, срцето да искочи од градите, додека носталгијата е пуштена на најсилно. Наскоро ќе им пее и на Македонците во Пустец, Албанија. Тие со душа го чекаат Круме, бидејќи тој радост им носи.
Круме во приватниот живот е настрана од сите естрадни скандали и трачови. Нормално дека не го интересира тоа. Живее т.н. пензионерски, во скопското село Горно Коњари. – Да, вистина е дека живеам релаксирано во скопско Горно Коњари. Таму сум роден, таму си направив убава куќичка со двор. Таму ми е најмило. Во градот не ми се доаѓа. Во моето село сум најсреќен, најмирен, најисполнет. Во Горно Коњари сум со сопругата Зага и со нашите внуци, а сега и со правнуците! Често сум на брегот на реката Пчиња, каде што другарувам со пријателите, со роднините, особено кога ќе се затопли времето. Мераклија сум, сакам друштво, сакам песна. Уште настапувам, од пеењето не се откажувам. Во мене уште има оган, има енергија!
Ќерката и синот, Елизабета и Бобан, се често кај нас, особено кога имаат слободно време преку викендите. Тие си имаат свој покрив над главата и доаѓаат со дечињата кај нас кај своите родители. Така и треба, во добро здравје, со песна и насмевка да си го живееме овој овоземен живот. Да им се радуваме на децата и на внуците – вели популарниот пејач за весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press, кој наскоро, на познатиот фолк-фестивал „ Владимирово 2026“, во организација на маестро Горан Алачки, ќе се претстави со одличната песна „Дојди ми, лудо“.
Дуле МИЌИЌ












