– Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом – се вели во образложението на жири-комисијата, која ја додели наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година

Ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е добитник на наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Наградата, востановена лани од издавачката куќа „Арс ламина“, со поддршка од семејството на писателката Николова (1936-2024), се додели по вторпат.

– Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот – се вели во образложението на жири-комисијата, во состав Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип) и Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025, за романот „Џинџуџе“), која ја донела одлуката едногласно.

Како што беше посочено на денешната прес-конференција по објавувањето на годинашниот победник, бројот на пристигнати ракописи на вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ бил поголем од лани, односно оваа година имало 46, за разлика од минатата година – 38, што е јасен показател дека жанрот роман за деца и млади повторно заживува и се развива.

– Наградата за необјавен роман за деца и млади, која го носи името на големата македонска писателка, ја востановивме во чест на Оливера Николова, токму на 11 март, денот на нејзиното раѓање. Таа денеска ќе наполнеше 90 години. Со сето ова што го правиме, настојуваме овој ден да биде вистински книжевен празник – истакна Оливера Ќорвезироска на прес-конференцијата.

Додаде дека целта на наградата е зачувување на жанрот роман за деца и млади, а во „Арс ламина“, уште додека била жива писателката Николова, сакале со нејзина помош, поука и поддршка да го вратат и зацврстат овој жанр. Односно, користејќи го нејзиното раскошно наследство, да направат заложба за консолидација на македонското творештво за млади.

– Во современата македонска книжевност, овој жанр во последната деценија како да се „прелеа“, од една страна, во сликовниците за деца, но и во романите за возрасни. Со наградата успеавме, само неколку месеци по нејзиното заминување (н.з. почина на 3 ноември 2024), да го направиме тоа што го сакаше таа – додаде Ќорвезироска.

За писателот Ермис Лафазановски и прв добитник на „Оливера Николова“, пак, основната идеја за воспоставување на наградата било да се поттикнат луѓето од сите генерации да пишуваат романи за деца.

– Зошто баш да се поттикнат? Затоа што романите за деца недостигаат во нашето културно милје, а, според сите податоци, тоа е еден жанр што е моментално во подем, барем што се однесува до Европската Унија. Второ, иако не сум литературен критичар, романите ги прочитав од гледна точка на писател и тоа што ме изненади е тенденцијата што сите имаат дидактички, односно просветителски карактер. Дидактички затоа што сите романи беа насочени кон тоа децата во нашето општество да можат да бидат посреќни и на начинот на кој можат да живеат тие во своите имагинарни светови, малку подалечни од оние на возрасните. Исто така, акцент во романите беше ставен на моралните и на етичките вредности на поединецот во општеството, кој со неговите дејствувања влијае врз однесувањето на децата. Но и обратно, децата честопати можат со својот детски морал или етика да ги научат и возрасните на некои работи од кои сме се одвикнале или сме ги заборавиле – истакна Лафазановски, додавајќи дека според жанрот, главно, пристигнатите романи имале фантастичен карактер, што не е чудно затоа што децата имаат сопствена имагинација, а возрасните мора да се приспособат кон тоа што го живеат децата.

Како што додадоа од комисијата, Полазаревски, искусен и докажан автор за деца во домашната книжевност со своите песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, првпат се остварува во романескниот жанр.

– Неговиот прв роман покажува нагласен интерес кон култот на засведочување на раскажаното, со алузии на актуелни состојби (несобирањето на сметот во главниот град зимава) и проверливи реалии (преполни контејнери насекаде). Интересот за засведочување и проверливост е дополнително збогатен со зборовни игри, метатези, спунеризми и малапропизми: гратчето Капи и Штици еуфониски потсетува на населбата Капиштец во Скопје, а најголемата депонија за ѓубре Магдоносонија – на Македонија. Изместувањето на реалната оптика на урбаното момче Оли со зачудни елементи, фантастични ликови и невозможни планети, светови и случки, ни го потврдува Полазаревски таков каков што го знаеме, но и ни открива една нова димензија на неговото препознатливо книжевно писмо – посочуваат од жирито.

Победникот Ванчо Полазаревски, пак, се заблагодари за наградата и прочита една интересна изјава: „Пред некое време, ѝ реков на мојата докторка: ‘Има еден награден конкурс, ќе пишувам романче’. ‘Зошто да не?’, вели таа, ‘седни пишувај, тоа не е лошо, ама награди? Чуму ти се, тие се за млади, за тебе се награди за некои јубилеи, за животно дело, евентуално Златен венец… хм, Нобелова награда’. Не ја послушав мојата докторка, можеби затоа што таа е и моја сопруга, по име Мирјана и, згора на тоа, е психијатар за деца. А јас пишувам за деца. И така седнав да го пишувам романчето, сериозно, темелно, како да е да се биде или не. Така ми дојде. Го напишав, го испратив сè како што треба и… како за беља… ја добив наградата. Е сега, што е за право, тоа не беше беља, туку многу радост, среќа, гордост… Накусо, ѝ се израдував како дете. Па и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова. Е тука сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда што ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година, на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на ‘Арс Ламина’ да му даде силен поттик на ова творештво за деца е навистина чекор за поздравување“.

Ванчо Полазаревски (1951) e истакнат македонски хуморист, сатиричар и писател за деца. Има работено како новинар и уредник, член е на ДПМ. Автор е на следниве книги: „Па што?“ (хуморески за возрасни); „Скриб-тиз“ (афоризми); „Сештологија“ и „Крадец на интернет“ (пиеси за деца); „Гатанки 1“ и „Гатанки 2“ (гатанки); „Бушавиште“, „Смеалиште“, „Азбукварка“, „Баба Рога вежба јога“ и „Шарено марено“ (поезија за деца); „Фока во фиока“ (брзозборки); „Џемпер-дрво“, „Шашардарија“, „Распашани приказни“, „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“ и „Ноќ и ден“ (раскази за деца); „Нервозни приказни“ (проза за возрасни); „Солзи и бисери“ (театарска претстава). Тој е автор и на неколку сликовници: „Големи и мали“, „Броенка“, „Први зборови“…

Најавено е дека промоцијата на „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и врачувањето на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година ќе се одржат на посебен свечен настан. (Н. И. Т.)

фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ