
Постојат фудбалери за кои луѓето купуваат билети. Има и такви што ги држат децата будни до доцна во ноќта чекајќи го нивниот потег, гол или магија, а има и такви кои никогаш не бараат да бидат во центарот на вниманието, но без кои ниту еден голем тим не може да ги постигне најголемите успеси.
Репрезентативецот на Шпанија, Родри, ѝ припаѓа на оваа последна група.
Додека другите собираа насловни страници, следбеници и реклами, тој го собираше она што се брои на крајот само во фудбалот: трофеи.
Светски шампион, европски шампион, победник на Лигата на нациите, победник на Лигата на шампионите, светски клупски шампион, четирикратен шампион на Англија, двократен освојувач на ФА-купот, трикратен освојувач на Лига-купот, победник на Суперкупот на УЕФА, „Комјунити шилд“ и, пред сè, освојувач на „Златната топка“.
Списокот на достигнувања што ги има Родри зад себе изгледа како кариера на играч што е на врвот со децении. И, всушност, зад сето тоа е приказната за фудбалер што никогаш не сакал да биде поголем од играта.
Иронијата на фудбалот е што најважниот човек на теренот често е најмалку забележан.
Родри не ја освојува публиката со трикови, не бара аплауз по секој потег и не ги полни статистичките колони како напаѓачите. Неговата вредност лежи во работите што често се невидливи: неговото навремено додавање, неговото читање на играта, неговата смиреност под притисок и неговото чувство кога да забрза, а кога да се смири.
Тој не игра фудбал за да биде херој, тој игра за да може да победи неговиот тим.
Можеби, затоа неговата приказна е особена. Во ера кога често се мери вредноста на играчот според бројот на објави на социјалните медиуми и маркетинг-договорите, Родри докажа дека може да станете најдобар без многу врева.
Неговата уникатност не е само во она што го прави на теренот туку и надвор од него. Додека многу млади фудбалери целосно го потчинуваат својот живот во луксуз по својот прв голем договор, Родри избра поинаков пат. Додека градеше професионална кариера, паралелно завршуваше и колеџ. Студираше бизнис-администрација и економија на Универзитетот „Жауме I“ во Кастелон, а неговите денови не изгледаа како животот на типична фудбалска ѕвезда. По тренингот, тој одеше на предавања, учеше за испитите и живееше живот што беше многу поедноставен отколку што би очекувале многумина од професионален фудбалер.
Додека другите сонуваа за статус на ѕвезда, тој сакаше да остане човек.
Таа дисциплина и таа скромност не се случајни. Истиот карактер што му помогна да биде над книгите по тренингот подоцна му помогна да стане еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот.
Тој беше срцето на Манчестер сити со години. Иако не беше често играч што ги полни насловните страници, неговото отсуство беше најдобар показател за тоа колку е важен. Кога го нема, целиот тим изгледа поинаку. Кога е на терен, работите изгледаат едноставно затоа што тој ги прави едноставни.
Пеп Гвардиола во него го пронајде совршениот играч за својата филозофија. Некој што ги разбира просторот, времето и ритамот на играта подобро од повеќето фудбалери од својата генерација.
Во шпанскиот дрес, тој стана еден од симболите на новата генерација на националниот тим. Тој беше еден од клучните играчи во големите победи, човекот кому му се веруваше кога беше притисокот најголем.
Неговата кариера не е приказна за момче што успеало само поради талентот. Тоа е приказна за работата, за карактерот. Секој освоен трофеј е резултат на илјадници тренинзи, одлуки и жртви што публиката никогаш не ги видела.
Можеби еден ден, кога ќе се наведат најголемите имиња во фудбалот, ќе се споменат Меси, Кристијано Роналдо, Зидан, Иниеста или Модриќ. И сосема заслужено. Но, историјата ќе се сети и на шпанскиот играч од средниот ред што не мораше да биде најгласен за да биде најголем. Играч што покажа дека не се добиваат натпреварите само со голови туку и со интелигенција.
Родри, можеби, никогаш не се стремел кон статус на суперѕвезда, но освои сè што сакаат да освојат суперѕвездите.
Нему нема да му останат само медалите и трофеите. Пораката ќе остане дека величината не е секогаш во тоа колку зборуваат луѓето за вас. Понекогаш најголем е токму оној што тивко си ја работи работата.











