Шпанската шампионка во трискок, Ана Пелетеиро, отворено зборуваше за атмосферата во Олимпиското село и откри детали од животот на спортистите откако ќе завршат натпреварите.
Пелетеиро, бронзена од Токио и актуелна европска шампионка, вели дека по месеци напорни тренинзи и целосна посветеност кон спортот, спортистите во Селото, конечно, се опуштаат и слават.
– Има многу секс во Олимпиското село. Многу! Не можам да се вбројам себеси бидејќи сум мажена жена – изјави Пелетеиро за шпанскиот јавен сервис РТВЕ.
Таа објасни дека атмосферата е особено интензивна бидејќи спортистите поминуваат цела година во тренинг и се фокусираат само на своите цели. По завршувањето на натпреварите, според неа, доаѓа време за релаксација, прослави и за дружење.
Дека е присутен интимниот живот во Олимпиското село, покажува и примерот од Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Организаторите таму поделија 10.000 кондоми, а количините беа потрошени за само три дена.
– Количините се потрошени. Ни ветија дека ќе пристигнат уште, но кој знае кога – изјавил еден натпреварувач за италијанскиот весник „Ла Стампа“.
Портпаролот на Меѓународниот олимписки комитет, Марк Адамс, со шега одговорил за ситуацијата. Тој посочил дека 10.000 кондоми за околу 2.800 спортисти е сериозен број и додал дека, очигледно, Денот на вљубените е во полн ек во Олимпиското село.
Сепак, бројот од Милано е далеку помал од оној на претходните Летни олимписки игри. Во Париз во 2024 година, беа поделени околу 300.000 кондоми, додека во Рио во 2016 година бројот достигна рекордни 450.000.
Но, дел од спортистите откриваат дека не секогаш завршуваат кондомите во Олимпиското село. Некои ги земаат како сувенири или подароци за пријателите, особено поради специфичниот дизајн и логото на Игрите.
Американскиот натпреварувач во уметничко лизгање, Адам Рипон, на пример, призна дека однел дома околу 3.000 кондоми од Олимпијадата во Пјонгчанг во 2018 година.
Традицијата на бесплатно делење кондоми на Олимписките игри почна во Сеул во 1988 година, како дел од кампањата за јавно здравје и подигање на свеста за ХИВ и за сида. Оттогаш кондомите станаа своевидна олимписка традиција, а повремениот недостиг само дополнително ја потврдува репутацијата на Олимпиското село како место со исклучително богат социјален живот.












