Може слободно да се каже дека Фудбалската федерација на Македонија (не)пријатно ги изненади навивачите и љубителите на фудбалот во нашата земја со цената за влезниците за дуелот против селекцијата на Швајцарија, кој ќе биде премиерен од новата сезона во Лигата на нациите.
Денеска ќе почне продажбата на влезниците за натпреварот Македонија – Швајцарија, кој ќе се одигра на 26 септември (сабота), на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Од ФФМ потврдија дека цената на влезниците се движи од 500 до 1.800 денари, во зависност од блокот и од местото на трибините, а предвидено е да има и ВИП-билет, кој ќе чини 3.000 денари. Цените и достапните места по блокови ќе бидат детално прикажани на мапата на националната арена „Тодор Проески“, преку официјалната платформа за електронска продажба на билети на ФФМ, eticket.ffm.mk.
Ваквиот потег на ФФМ, околу цената на билетите, наиде на негодување кај навивачите на „црвено-жолтите“. Социјалните мрежи беа преплавени од негативни коментари и критики упатени кон челниците во Куќата на фудбалот.
Голем е бројот на навивачи што се прашуваат како е можно почетната цена на еден билет да изнесува 500 денари, затоа што станува збор за репрезентација што откако седна Гоце Седлоски на селекторското столче, на четири натпревари два пари беше поразена, два пати одигра без победник, прими осум гола и не постига ниту еден.
„А бе вие да ми платите, нема да ве гледам. Види неписмена багра, празни трибини, а тие карта од 500 до 1.800 денари. Дали сте нормални?“, „Белгија за 500 денари, а квалификации за СП. Лига на нации – 1.800 денари. Има ли некој што мисли со главата? Ќе одат само тие со гратис-карти“, „Ќе зјаат празни трибините. Триесет евра карта, од вакви гладници за профит – нема фудбал во Македонија!“, „Чекај, дали ФФМ ќе ни плати од 500 до 1.800 ако отидеме да гледаме?!“, „Срамота, ќе биде празен стадионот. Алооо, ФФМ освестите се“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
Навивачите со право потсетуваат дека Македонија пред нешто повеќе од една година ја забележа последната победа, и тоа против Лихтенштајн, во Скопје, со 5:0. По овој натпревар, следуваше серија од осум меча на кои не победивме, а имаме пет нерешени и три порази со катастрофална гол-разлика од само два дадени гола и дури 16 примени.
Исто така, од ФФМ информираат дека во рамките на септемврискиот циклус од Б-групата на УЕФА Лигата на нациите, македонската репрезентација ќе гостува и кај Словенија. Влезниците за натпреварот Словенија – Македонија, кој ќе се одигра на 29 септември, на стадионот „Стожице“ во Љубљана, ќе бидат пуштени во продажба на 14 септември, а наскоро ќе бидат објавени и официјалните информации за продажбата на билетите за натпреварите Македонија – Шкотска (3 октомври) и Швајцарија – Македонија (6 октомври), во Луцерн.












