Грчките царински служби во средата на Меѓународниот аеродром во Атина запленија 100 килограми кокаин скриени во пратка со рози од Колумбија, пренесе Катимерини. Операцијата беше спроведена врз основа на информации добиени од канцеларијата на американската Агенција за борба против наркотици (DEA) во Атина и резултираше со апсење на шест лица, од кои повеќето се државјани на Албанија.
Како што пишуваат грчките медиуми, четворица осомничени се приведени на аеродромот, каде што наводно се подготвувале да ја преземат дрогата. Други двајца беа уапсени во областа Маратон, североисточно од Атина, каде што, според претпоставките на властите, требало да се складира кокаинот.
Заплената ја извршија службеници на грчката Независна управа за јавни приходи (AADE), со помош на полициската Управа за борба против организиран криминал.
Надлежните органи засега не соопштија дополнителни детали за пратката или за осомничените.












