Големата награда на Сингапур овој викенд ќе се одржи во необични услови откако густ чад од огромните шумски пожари во соседна Индонезија стигна до градот. Националната агенција за животна средина го оцени квалитетот на воздухот како „нездрав“, па ФИА и организаторите внимателно ја следат ситуацијата.

Пожарите на Суматра и Калимантан се интензивираа поради екстремно сушните услови поврзани со феноменот Ел Нињо. Според експертите, количината врнежи во регионот од јуни е за околу 80 проценти под просекот, што создало идеални услови за ширење на пожарите и за една од најинтензивните сезони во последнава деценија.

Засега нема најава за откажување или за одложување на трката, но ФИА веќе има подготвено план доколку дополнително се влоши квалитетот на воздухот. Можно е ограничување на одредени активности на отворено, а организаторите ќе обезбедат и заштитни N95-маски за публиката и за персоналот доколку биде потребно.

Од Формула 1 велат дека моменталното ниво на загаденост не претставува причина за сериозна загриженост и дека засега нема проблеми со видливоста на осветлената патека „Марина Беј“. Тимовите не ги промениле своите планови за тркачкиот викенд.

Сепак, загадениот воздух може дополнително да отежне еден од физички најнапорните настани во календарот. Високите температури, влажноста и долгото траење на трката и во нормални услови се огромен предизвик за возачите.

Експертите предупредуваат дека продолжената изложеност на чад може да влијае и врз концентрацијата и врз брзината на донесувањето одлуки. Слична ситуација имаше и во 2019 година, кога Луис Хамилтон доби препорака да избегнува трчање на отворено пред трката во Сингапур. Сега интересот е насочен кон квалитетот на воздухот и кон условите на „Марина Беј“.

ИЗДВОЕНИ