Пресудата со која Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска е укината бидејќи Кривичниот суд недоволно ги оценил доказите на Јавното обвинителство. Апелацискиот суд Скопје укажал дека на повторното судење треба повторно да се разгледаат исказите на обвинетите дадени во Обвинителството, сведочењето на мајката на Вања и пораките од вибер-комуникацијата.
– Пресудата за Александар Ѓорчевски е укината затоа што недоволно се ценети доказите на Јавното обвинителство и нашата препорака е да се изврши преоценка на доказите, со конкретни укажувања, особено на исказите на обвинетите дадени во Јавното обвинителство, а читани пред Судот, исказот на мајката на Вања Ѓорчевска и пораките во вибер-комуникацијата – соопштија од Апелација на брифинг со медиумите.
Пресудата на Апелацискиот суд е веќе изготвена и испратена до Кривичниот суд. Со укинувањето на првостепената пресуда, предметот се враќа на повторно судење, на кое судот ќе треба повторно да ги оцени доказите согласно укажувањата на повисокиот суд.
Ѓорчевски беше обвинет дека им давал информации на киднаперите за тоа кога и каде ќе се движи неговата ќерка, со што, според обвинението, помогнал во нејзиното грабнување. Кривичниот суд го ослободи од обвинението со образложение дека обвинителството не ја докажало неговата вина.












