Бугарските власти од понеделник ќе воведат засилени контроли на увозот на овошје и зеленчук од Македонија, но и од други соседни земји. Целта, според најавите, е да се следи квалитетот на производите и да се влијае врз стабилизирањето на цените на пазарот.

Бугарскиот министер за земјоделство објасни дека државата нема законска можност целосно да го запре увозот, но може да спроведе построг надзор врз стоката која влегува во земјата.

– Не можеме да го ограничиме увозот, но можеме да го контролираме – порача министерот во изјава за бугарската телевизија БТВ.

Според најавите, најголемо внимание ќе биде посветено на граничните премини со Македонија и Турција, каде што ќе има детални проверки на товарните возила. Дополнително, ќе бидат активирани и патроли по должина на границата со Грција, кои ќе ги контролираат камионите што транспортираат земјоделски производи.

Бугарските власти велат дека мерките се преземаат поради потребата од поголема контрола на пазарот и спречување на нарушувања во снабдувањето и формирањето на цените.

Засилените проверки доаѓаат во период кога земјоделските производители и трговците во регионот се соочуваат со големи промени на пазарот, а увозот на свежо овошје и зеленчук е една од темите кои често предизвикуваат реакции кај домашните производители.

Одлуката на бугарските власти најверојатно ќе биде внимателно следена и од македонските извозници, за кои Бугарија претставува еден од важните пазари за пласман на земјоделски производи.

 

ИЗДВОЕНИ