Вештачката интелигенција е можност што може да го забрза економскиот развој и да ја зајакне конкурентноста на државата, но нејзиното навремено прифаќање ќе биде клучно за иднината на компаниите и на институциите, додека оние што ќе ја интегрираат во своето работење ќе отвораат нови можности за напредок, а неподготвеноста може да води кон стагнација. Истовремено, автоматизацијата ќе го трансформира пазарот на трудот, наметнувајќи ја потребата од преквалификација и од нови вештини наместо нужно масовно губење на работните места, беше истакнато на конференцијата на МАСИТ

Технологијата ги менува правилата на игра, но човекот останува во центарот на иднината на бизнисот. Вештачката интелигенција веќе не е визија за иднината, туку реалност што ги трансформира компаниите, институциите и секојдневниот живот, отворајќи можности за побрзи, поефикасни и поперсонализирани услуги. Ова беше една од главните пораки на 21. годишна конференција на МАСИТ, посветена на примената на вештачката интелигенција, автоматизацијата и новата генерација интелигентни услуги, која се одржува во Скопје.

Под мотото „Од еден клик до милион можности: новата ера на интелигентни услуги“, претставници на институциите, бизнис-заедницата и на технолошката индустрија дискутираа за влијанието на новите технологии врз работењето, управувањето и носењето деловни одлуки, како и за подготвеноста на македонската економија за дигитална трансформација.

Вицепремиерот Александар Николоски порача дека вештачката интелигенција е голема можност што државата мора да ја искористи за да биде дел од современите економски текови. Тој истакна дека Владата работи на создавање правна и административна рамка за поширока примена на напредните технологии.

– Вештачката интелигенција веќе не е само теорија или технологија на иднината, тоа е нешто што се случува околу нас. Таа е голема можност што треба да се искористи – истакна Николоски.

Како дел од стратешките приоритети, тој ги посочи стратегијата „SMART MK 2030“ и изградбата на современа инфраструктура, особено податочни центри. Во таа насока, Владата работи на проектот за првиот национален податочен центар, а Николоски ги повика и приватните компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во оваа област.

Тој најави и дигитализација на транспортниот сектор преку воведување интелигентни транспортни системи, кои треба да овозможат подобро управување со сообраќајот и поголема безбедност. Планирана е нивна примена на Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, како и модернизација на железничкиот сообраќај и дигитализација на патната такса.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, предупреди дека брзината со која ќе ја прифатат компаниите и институциите вештачката интелигенција ќе биде клучна за нивната конкурентност.

– Оние што ќе ја употребуваат вештачката интелигенција, ќе може да се надеваат на забрзан напредок, додека оние што нема да знаат и нема да можат да ја користат, ќе бидат заглавени без напредок или во стагнација – порача Андоновски.

Тој посочи дека преку проектите ДИГИТ-МАК и ИННО-ФЕИТ ЕДИХ се обезбедува поддршка за малите и за средните претпријатија преку обука, знаење и современи дигитални алатки. Како значаен проект го издвои и „Везилка“, вреден над 5,5 милиони евра, насочен кон развој на голем јазичен модел на македонски јазик и негова примена во јавниот сектор.

Според Андоновски, Македонија има квалитетен ИТ-кадар, но недостигот од податочни центри и од современа инфраструктура останува еден од главните предизвици.

– Клучната разлика што се обидуваме да ја направиме е привлекување инвестиции во центри за податоци и изградба на националниот центар за податоци – нагласи тој.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, оцени дека вештачката интелигенција веќе суштински ги менува работењето на компаниите и светската економија. Според него, предизвик не е само воведувањето нови технологии, туку нивната практична примена за зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Тој посочи дека, според истражувањата на Стек Оверфлоу, повеќе од 85 проценти од ИТ-професионалците веќе користат алатки засновани на вештачката интелигенција, додека во другите индустрии примената сè уште е помала.

Димитровски смета дека автоматизацијата ќе го промени пазарот на трудот, но не мора да значи масовно губење на работните места. Наместо тоа, ќе бидат потребни преквалификација и стекнување нови вештини.

– Не сметам дека ќе останат луѓето без работа, само ќе треба да се преквалификуваат и да најдат правилен начин како да ги користат вештачката интелигенција и сите иновативни технолошки алатки – рече тој.

Како дополнителни предизвици ги посочи недостигот од специјализирани кадри во кибербезбедноста и науката за податоци, како и потребата од повеќе практична настава и современи дигитални знаења во образовниот процес.

Конференцијата продолжи со дискусии за примената на вештачката интелигенција во здравството, технологијата и во воздухопловството. На панел-дискусијата учествуваа професорот и кардиоваскуларен хирург, Жан Митрев, Дарко Пејчинов од „Ин вита хелткеар технолоџис“ и генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, кои ги разгледаа можностите за примена на новите технологии во своите индустрии.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ