четврток, ноември 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА УСТАВНИОТ СУД ИДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ЕКИПИРА ЗА ВО ЈАНУАРИ ПАК ДА...

УСТАВНИОТ СУД ИДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ЕКИПИРА ЗА ВО ЈАНУАРИ ПАК ДА ИМА ДВЕ ПРАЗНИ МЕСТА: Ефтимовска-Бојковска доаѓа, Костадиновски и Кадриу заминуваат

1

Пополнување, па ново празнење е ритамот во кој во наредниве два месеци ќе функционира Уставниот суд, врзано за неговиот деветчлен состав. Ова од причина што во рок од два месеци ќе се случи пополнување на деветчлениот состав за да потоа му се случи празнење на две судиски места, по што ќе работи во седумчлен состав. Вакво сценарио е извесно бидејќи в среда, 2 декември, ќе се одржи изборот на нов судија, за што вчера беше предложена гостиварската судијка Теодора Ефтимовска-Бојковска на местото на поранешниот судија Гоце Наумовски, а во јануари ќе им истече деветгодишниот мандат на актуелниот претседател, Дарко Костадиновски, и на судијата Осман Кадриу. Двајцата беа кандидати предложени од тогашниот шеф на државата, Ѓорге Иванов,во 2018 година. Тоа значи дека по истекувањето на нивниот мандат, актуелната претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, ќе треба да предложи имиња за нивни наследници во Судот.

Од Уставниот суд денеска соопштија дека следната недела ќе избираат нов претседател на Уставниот суд, повеќе од еден месец порано, пред да му истече мандатот на актуелниот претседател, Дарко Костадиновски.

Внатрешните акти на Уставниот суд предвидуваат новиот претседател на Судот да се избере од редот на судиите, со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд, а предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии, избрани со мнозинство од вкупниот број судии. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Во меѓувреме, во Собранието, на седница на Комисијата за прашања на избори и именувања, за кандидат за судија на Уставниот суд е предложена судијката Теодора Ефтимовска- Бојковска од Основниот суд Гостивар.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, информира дека по констатирањето на оставката на судијата на Уставниот суд, професорот д-р Гоце Наумовски, на 20 јули 2026 година, потребно е да се избере нов судија. Тој посочи дека Комисијата, врз основа на своите надлежности, ја предлага Ефтимовска-Бојковска за оваа функција.

Теодора Ефтимовска-Бојковска, како што информира Сајкоски, потекнува од Тетово. Таа во 1995 година дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1996 до 1998 година волонтирала, од 2008 година била избрана за судија во Основниот суд – Гостивар, каде што работела на предмети од граѓанската материја. Со одлука на Судскиот совет, во периодот од 2023 до 2026 година била упатена да врши судиска функција во Основниот суд – Тетово, каде што работи предмeти од истата област.

Според Сајковски, станува збор за искусен судија. Предлогот беше усвоен со осум гласа „за“, без гласови против и воздржани. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ