Во Германија засега постои само еден пробен проект за користење на горивото Е20. Тројца пратеници во Европскиот парламент бараат негово брзо одобрување за да се намалат цените на горивата, пренесува „Билд“.
Може ли ова еколошко решение да биде одговор на скапото гориво и блокадата во снабдувањето со нафта? Тројца пратеници на германската ЦДУ во Европскиот парламент бараат од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, конечно да го одобри новиот тип бензин Е20.
Во писмото во кое „Билд“ имал ексклузивен увид, тие наведуваат дека поголемиот удел на биоетанол во горивото би ја намалил зависноста од скапиот увоз на нафта и би ги намалил цените.
Е20 засега не е одобрен во Европската Унија. Европските прописи во моментов дозволуваат најмногу десет отсто етанол во бензинот. Бидејќи Е20 содржи до 20 отсто етанол, Брисел би морал да ги измени прописите за горива. Токму тоа од Комисијата го бараат политичарите на ЦДУ Петер Лизе, Јенс Гизеке и Норберт Линс.
Сепак, спорно е дали Е20 навистина би им ги намалил трошоците на возачите. Цената по литар би можела да биде нешто пониска бидејќи горивото би содржело помалку бензин од фосилно потекло. Истовремено, етанолот има помала енергетска вредност од бензинот, па стручњаците очекуваат зголемување на потрошувачката за околу три отсто.
За користењето на Е20 да биде исплатливо, неговата цена на пумпите би морала да биде приближно шест до седум центи по литар пониска. Засега не е познато дали разликата во цената навистина би била толкава.
Е20 веќе се користи во Индија, Тајланд и Бразил
Возачите во Индија и Тајланд веќе користат Е20, додека во Бразил се користат и горива со уште поголем удел на етанол. Во Германија засега постои само пробен проект започнат во 2023 година во Манхајм.
Отворено е и прашањето за кои автомобили Е20 е воопшто погоден. Многу современи автомобили со бензински мотори веројатно би можеле да го користат без проблеми, а одделни актуелни модели на БМВ имаат одобрение дури и за горива со поголем удел на етанол. Сепак, не постои сеопфатен список на одобренија од сите производители. Проблеми би можеле да се појават особено кај постарите возила.
Критичарите предупредуваат и на можни несакани последици. Германската Сојузна агенција за животна средина критички гледа на одгледувањето растенија наменети за производство на гориво, бидејќи со тоа би можеле да се намалат површините достапни за производство на храна. Противниците исто така ги доведуваат во прашање тврдењата дека биоетанолот е секогаш толку поволен за климата колку што често се претставува.
За пратениците на ЦДУ предностите сепак преовладуваат. Е20 го гледаат како можност за брзо намалување на трошоците за возачите. Истовремено, сметаат тие, би можеле да се намалат емисиите на јаглерод диоксид од милиони автомобили со бензински мотори на европските патишта.
За тоа дали европските возачи во иднина ќе можат да полнат Е20 ќе се одлучува во Брисел.












