Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше осуден на условна казна затвор од две години, на 2 септември ја уплатил паричната казна од 492.000 денари, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој со Обвинителството се спогоди за казна од една година и три месеци затвор по обвинението за примање поткуп од 50.000 евра, сè уште ја издржува казната. Тој побарал условен отпуст, а Судот му одобрил да биде пуштен на слобода на 1 февруари 2027 година. Одлуката е обжалена и предметот на 24 септември е доставен до Апелација.
Од Кривичен информираа и за текот на повеќе актуелни предмети. Во „Крмзов“ се изведуваат економско и графолошко вештачење, по што ќе следуваат доказите на одбраната. „Титаник“ е во фаза на сослушување сведоци на одбраната, додека во „Беланоца“ преостанува да бидат сослушани уште двајца сведоци на Обвинителството.
Во предметот против Трифун Костовски и други, обвинението за предизвикување стечај на банки и несовесно работење во службата е оценето дека не спаѓа во надлежност на Специјализираното одделение, па по правосилноста на одлуката предметот ќе биде распределен во Одделението за кривично полнолетни.
Стевчо Јакимовски е на болничко лекување, а следното рочиште е закажано за 6 октомври. „Онкологија 2“ е во фаза на изведување докази на одбраната.
Во „Талир 1“, главната расправа е одложена подолго од законскиот рок од 90 дена, поради што постапката формално ќе мора да започне одново.












