Иран ја осуди на смртна казана првата жена поради учество во антивладините протести во Техеран во јануари, тврдат групите за човекови права.
Бита Хемати беше осудена заедно со уште тројца мажи, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг, 34-годишниот Мохамадреза Маџид-Асл, според Националниот совет за отпор на Иран (NCRI) и Новинската агенција на активисти за човекови права (HRANA).
Соседите на двојката, Бехруз Заманинеџад и Курош Заманинеџад, исто така беа осудени на смрт, додека нивниот роднина, Амир Хемати, доби петгодишна затворска казна.
„Мохамадреза Маџиди-Асл и Бита Хемати се брачен пар кој живее во Техеран, а Амир Хемати е нивен роднина. Курош Заманинеџад и Бехруз Заманинеџад живееле во истата станбена зграда, а нивните апсења се случиле во исто време“, изјави извор за HRANA.
Датумот на егзекуцијата сè уште не е одреден, објави „Фокс њуз“.
Револуционерниот суд во Техеран наводно ги обвини четворицата за повеќекратни кривични дела, вклучително и поткопување на националната безбедност и поврзаност со „непријателската влада на Соединетите Американски Држави“, според HRANA.
Според властите, на 8 и 9 јануари, обвинетите наводно користеле експлозиви и оружје, фрлале тули и запаливи материјали од покривите, повредиле припадници на безбедносните сили и се вклучиле во антирежимска пропаганда во обид да ја поткопаат безбедноста во земјата.
Активистите за човекови права дополнително изразија загриженост дека признанијата на обвинетите можеби биле изнудени, наведувајќи наводи за тортура и испрашување.
Организациите кои повикуваат на запирање на егзекуциите, исто така, тврдат дека нема конкретни докази што ги поврзуваат обвинетите со наводните злосторства и дека Техеран се обидува да ја заплаши јавноста за да спречи идни немири.












