Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, утревечер 19 мај (19:00 ч.), во галеријата „Остен“ ќе ја отвори изложбата „Студентите против дискриминација“, на која ќе бидат претставени постери посветени на промоцијата на еднаквоста, недискриминацијата и ненасилството, изработени од студенти на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје.
На изложбата ќе бидат претставени дела создадени во рамките на конкурсот за студентски постери, реализиран како дел од соработката меѓу КСЗД и Европски универзитет – Скопје, со цел подигнување на јавната свест за еднаквоста и недискриминацијата преку уметноста и дизајнот.
Изложени се 25 постери, од кои секој претставува уникатен и креативен одговор на темите човекови права, еднаквост и ненасилство.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста во галеријата „Остен“ до 3 јуни.
Инаку, проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ има цел зајакнување на владеењето на правото во РС Македонија и е дизајниран да ги поддржи релевантните институции во државата што работат на полето на правдата, спроведувањето на законот, борбата против корупцијата и промоцијата и заштитата на основните и човековите права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание. Проектот е целосно финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институтот за основни и човекови права (ЛБИ-ГМР), Министерството за внатрешни работи на Република Словенија, Министерството за правда, јавна администрација и дигитална трансформација на Република Хрватска и Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ). Времетраењето на проектот е 42 месеци, со буџет од 10,25 милиони евра.












