Од Западнонилската треска во Македонија починаа четири лица, а заклучно со 18 август, според последните податоци на ИЈЗ, во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи, 36 потврдени и два веројатни. Во повеќе скопски општини е прогласена епидемија на западнонилска треска.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека Министерството за здравство продолжува со засилени активности за информирање и заштита на населението во општините зафатени со зголемено присуство на случаи на западнонилска треска, паралелно со редовните мерки за контрола на популацијата на комарци.
„Во однос на епидемиолошката состојба, според последните податоци на ИЈЗ, заклучно со 18 август 2026 година, во Македонија се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска (36 потврдени и 2 веројатни), од кои 37 во скопскиот регион. На 11 август 2026 година, ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Регистрирани се и 4 смртни случаи кај лица со невроинвазивна форма на болеста. Во тек на минатата недела (од 12 до 18 август) се пријавени 12 нови случаи. Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе контрола на активности за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат систематските и вонредните (по епидемиолошка индикација) активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција – авионска и терестичка – на територијата на Град Скопје и општините Гази Баба, Кисела Вода (н. Драчево), Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. Заклучно со 14 август 2026 година спроведени се повеќе циклуси на третман, вклучително и дополнителни интервенции на застоени водени површини во засегнатите подрачја, истакна министерот Клековски.
Што е вирусот на Западен Нил?
Вирусот на Западен Нил се шири со каснување од заразен комарец. Главен преносител е Culex pipiens, вид кој е одомаќинет во Македонија. Повеќето од каснатите од заразен комарец немаат никакви симптоми. Лицата над 80 години и оние над 50 години со послаб имунолошки систем се изложени на поголем ризик од овој вирус, кој го пренесуваат комарците, иако со овој вирус може да бидат заразени и помладите луѓе.
Комарецот може да се зарази откако ќе касне заразена птица. Различни видови птици се главен резервоар на инфекцијата, додека човекот е случаен и таканаречен слеп домаќин, а инфекцијата не се пренесува од него.
Симптомите на болеста се појавуваат до две недели по каснувањето од заразен комарец.
Сезоната на вирусот Западен Нил во овие краишта обично трае од јуни до ноември.
Кои се симптомите?
Повеќето луѓе заразени со вирусот Западен Нил немаат никакви симптоми или знаци на болеста. Кај помал процент од заразените лица, приближно една петтина, симптомите личат на болест слична на грип, со ненадејна појава на висока температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, замор и благ минлив осип.
Сепак, кај некои заразени лица – помалку од еден процент – се јавува посериозна клиничка слика и овие пациенти мора да се лекуваат во болница.
Симптомите на потешките форми на болеста се главоболка, вкочанет врат, ступор (тапост), дезориентација, кома, тремор, конвулзии, мускулна слабост и парализа.
По инфекцијата, често се развиваат долгорочни последици, како што се – замор, губење на меморијата, тешкотии при одење, мускулна слабост и депресија.
Симптомите на вирусот обично се повлекуваат во рок од неколку дена, но има случаи кога можат да траат и неколку недели.
Каде се појавиле епидемии?
Вирусот Западен Нил првпат е идентификуван во африканската земја Уганда во 1937 година. Неодамна, епидемии избувнаа и во Северна Америка, Африка, Азија и Источна Европа.
Западнонилската треска е присутна во некои области на Европа од 1960-тите.
Спорадични случаи и помали епидемии кај луѓето се регистрирани во неколку земји во Источна и Јужна Европа во текот на изминатите 15 години.
Благите зими и дождливите, топли лета се идеални услови за размножување на комарци.
Како да се заштитите?
Не постои специфична заштита од Западнонилска треска, освен заштита на луѓето од каснувања – со облека или спрејови против комарци.
Научниците почнаа да развиваат вакцина против вирусот во 2002 година, а во 2015 година започнаа првите испитувања на вакцината врз заразени лица во Велика Британија.












