Меѓународен олимписки комитет официјално потврди дека се укинати сите ограничувања за белоруските спортисти кои настапуваат на меѓународни натпревари.

Во соопштението, ИОК наведе дека претходните препораки донесени во февруари 2022 и март 2023 година повеќе не се на сила, а како главна причина се посочува потребата спортот да остане независна платформа и покрај актуелните геополитички тензии.

  • Продолжуваме да ја следиме сложената реалност и последиците од сегашниот геополитички контекст и зголемувањето на конфликтите и војните. По серија состаноци утврдивме дека учеството на спортистите на меѓународни натпревари не може да се ограничува поради постапките на нивните влади, стои во дел од соопштението.

Со оваа одлука, белоруските спортисти повторно ќе можат да се натпреваруваат под своето национално знаме и со својата химна, ограничување што беше на сила од март 2023 година.

Сепак, истата одлука засега не важи и за Русија. Од ИОК објаснија дека ситуацијата со Руски олимписки комитет е различна во однос на белорускиот комитет.

  • Белорусите ја следат Олимписката повелба. Русите имаа конструктивни разговори со нас за време на суспензијата, но тие остануваат суспендирани додека правниот оддел на ИОК продолжува да го следи процесот, наведоа од организацијата.

Дополнително, ИОК посочи дека постојат и сериозни прашања поврзани со допингот и функционирањето на рускиот антидопинг систем, поради што сакаат подетално да ги разгледаат забелешките на Светска антидопинг агенција пред да донесат конечна одлука за руските спортисти.

Инаку, со оваа одлука, ИОК уште еднаш покажа дека за едни е мајка, а за други маќеа. Тоа пред се однесува на суспензијата на Русите, кои за разлика од Израелците, кои исто така се во војна, немаат дозвола за натпреварување во било кој спорт, туку само под неутрално знаме и химна.

ИЗДВОЕНИ