И по седум години од испраќањето, партијата на етничките Македонци во Грција „Виножито“ се уште нема одговор од Вселенскиот патријарх на барањето да се воведат богослужби на македонски јазик во северниот дел на Грција, каде тој има надлежност. До реакцијата на оваа партија дојде по неодамнешното обраќање на Вселенскиот патријарх во грчкиот парламент. Тој во обраќањето, кое е прво пред пленарниот состав по цели 27 години, упати порака за мир и единство.
-Ве потсетуваме дека политичката партија „Виножито“ на националните Македонци во Грција испрати писмо во среда, 6 март 2019 година, до Неговата Светост, Архиепископот Цариградски, Нов Римски и Вселенски Патријарх Вартоломеј, со барање за еклисијализација на македонски јазик во Грција – се наведува во објавата на Павле Воскопулос – Филипов, македонски активист во Грција и члена на раководството на „Виножито“.
Во писмото испратено пред седум години Македонците од Вселенскиот патријарх побараа да има црква во Грција во која богослужбите ќе се изведуваат на македонски јазик.
Во писмото на кое на својот Фејсбук профил потсети Павле Воскопулос – Филипов, еден од лидерите на Македонците во оваа соседна земја наведува дека се бара литургиите да се изведуваат на нивниот мајчин современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенски јазици, и со азбуката измислена од Свети Кирил и Методиј
-Со ова писмо сакаме да ги земеме предвид важните прашања и, истовремено, барањата кои се однесуваат на нас православните христијани од малцинството етнички Македонци во Грција. Бараме да има црква на нашиот мајчин современ македонски јазик, која припаѓа на поширокото семејство на јужнословенски јазици, азбуката измислена од Свети Кирил и Методиј. Конкретно, посакуваме Божествената Литургија да се одржи на современ македонски јазик барем во некои недела во областите на Грција каде живееме православни христијани, етнички македонски грчки граѓани- наведе тогаш Воскопулос во својот допис.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј е надлежен за дел од епархиите во северниот дел на Грција. Тоа е подрачје на кое во голем дел живеаат припадниците на македонската етничка заедница.
Во своето обраќање Воскопулос објаснува дека за жал, на локалните домашни македонски православни христијани од Новите земји по 1913 година поради прогони и забрани им се ограничени многу човекови права од јавниот живот.
-Од почетокот на минатиот век Црквата, Државата и парадржавата во Грција понекогаш молчи а понекогаш со отворено насилство, закани и заплашување ни го сменија јазикот, нашите имиња и националниот идентитет. И денес сме жртви на тивко непријателство и нетолеранција на значителен дел од свештенството на Метрополисите на новите земји и токму затоа ви се обраќаме директно преку нашиот политички носител Виножито. Знаејќи дека Метрополисите на новите земји на Северна Грција се подложени на ваша надлежност, ве молиме да интервенирате и да ги прифатите нашите барања – се потенцира во обраќањето.
Воскопулос тогаш додаде дека по ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Грција и Република Северна Македонија веруваат дека е време да ставиме крај на неправдата кон локалното малцинство на Македонци.
-Тие православни христијани, Македонци по националност, ги почитуваат Метрополисите на Новите Земји. Да најдеме решение за нашите верски обврски што се однесува до нашиот јазик преку искрен дијалог од сите страни. Ви посакуваме да не прегрнете со топлината – се наведува во писмото.
Молбата беше Вселенскиот патријарх да ги извести и свештениците на Метрополиите на Новите земји – и за Крштевањето и постхумното спомнување на православните христијани – етнички Македонци со нивни традиционални македонски имиња: Зора, Софка, Стојанка, Борис, Злата, Доре, Стоико, Томе, Дорча, Гоце Велика, Кирил, Слава, Траико, Спасе, Колиос, Китка, Стогијан, Петко, Митре, Сфета, Трице, Трајанка, Сфетко, Ристо, Петка, Васка…
„Виножито“ е политичка организација на македонското малцинство во Грција, основана во Лерин/Флорина во 1995 година, а од 2002 година е членка на Федералната унија на европските националности – FUEN. Организацијата со години јавно настапува со барања за признавање и заштита на јазичните, културните и малцинските права на Македонците во Грција. (Б.Ѓ.)












