Екипата на ПСЖ го победи Ливерпул со 2:0 на домашен терен, во вечер кога Англичаните можеа да загубат и многу поубедливо, додека Атлетико Мадрид ја изнанади Барселона на гости со истиот резултат, на првите натпревари од четвртфиналната фаза во Лигата на шампионите.

Мадридскиот тим поведе во 45. минута со голот на Хулијан Алварез од слободен удар, на кој му претходеше црвениот картон на Пау Кубарси, кој го сопна Џовани Симеоне пред сопствениот шеснаесетник и беше исклучен. Тоа им даде крила на мадриѓани, кои умешно дојдоа до висока позитива пред реваншот на домашен терен. Стртелец на вториот погодок беше Александар Серлот во 70. минута.

По натпреварот, Ханси Флик застана пред микрофонот и издвои ситуација во која Барселона, според многумина, требаше да добие пенал. Спорната ситуација се случи во 54. минута, кога голманот на Атлетико, Мусо, ја врати топката во игра, но дефанзивецот Пубиљ повторно ја запре со раце и ја намести на линијата од пет метри. Фудбалерите на Барселона веднаш побараа пенал, сметајќи дека Муцо веќе ја започнал акцијата и дека играта со рака на Пубиљ е чист пенал. Токму за тоа зборуваше и Флик по натпреварот.

  • Не разбирам што е поентата на ВАР? Како е можно целосно да ја игнорираат таа ситуација со Мусо и Пубиљ, каде што Пубиљ ја запре топката со рака пред сите? Зошто не проговори ВАР кога главниот судија веќе одлучи дека не сака да ја види ситуацијата? Тоа беше чист пенал за нас и втор жолт картон за Пубиљ, што значеше и исклучување и натпреварот ќе добиеше поинаков тек. Мое лично мислење е дека контактот на Кубарси со Симеоне не беше доволно силен за да доведе до таков драматичен пад и не мислам дека беше за директен црвен картон – рече Флик.

Тој потоа се осврна на натпреварот.

  • Загубивме со 0:2, иако создадовме неколку фантастични шанси. Мислам дека имаме шанса да ги свртиме работите во реваншот. Атлетико има многу опасна напаѓачка линија и многу е тешко да се одбраниме од неа. Сепак, мислам дека имаме шанса да ги победиме и верувам дека можеме да ги свртиме работите. Што се однесува до Педри, морав да го извадам на полувремето, како превентивна мерка. Не можевме да ризикуваме, имаше некои проблеми и навистина ни треба здрав во овој момент од сезоната – рече Флик.

Од друга страна, темпераментниот Чоло Симеоне смета дека ништо не е завршено и дека неговиот тим треба да одигра уште еден одличен натпревар доколку сака да обезбеди пласман во полуфиналето.

За разлика од дуелот на „Камп ноу“, ПСЖ сосема очекувано славеше (2:0) против очајниот Луверпул, кој оваа сезона не личи на себе.

Менаџерот на „црвените“, Арне Слот, се чини дека не знае што го снашло или како да посакува да добие отказ.

Само пред неколку дена, по тешкиот пораз од Манчестер сити во ФА-купот со 0:4, тој рече дека е добро што не примиле повеќе голови, а истата изјава ја искористи и по поразот од Французите.

  • Ако го анализирате целиот натпревар, мислам дека имавме среќа што загубивме само со два гола разлика. На крајот на краиштата, мислам дека е добро што сè уште сме во игра, сите знаеме што може да претставува Енфилд за нас во реваншот – рече, меѓу другото, холандскиот стручњак.

Инаку, реванш-натпреварите Атлетико Мадрид – Барселона и Ливерпул – ПСЖ ќе се играат во вторник, со почеток во 21:00 часот.

ИЗДВОЕНИ