четврток, август 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОБВИНЕНИЕ ЗА ГРУБИ, БАЈРАМИ И УШТЕ ШЕСТ ЛИЦА ЗА ШТЕТА ОД 8,2...

ОБВИНЕНИЕ ЗА ГРУБИ, БАЈРАМИ И УШТЕ ШЕСТ ЛИЦА ЗА ШТЕТА ОД 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА

0

Обвинителството тврди дека осум лица заеднички ја туркале набавката на ВЛТ-терминалите, иако Лотарија веќе го имала отстапено правото за електронски игри – се бара Груби да остане во куќен притвор

По повеќемесечна истрага, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица за злоупотреба на службената положба и овластување во случајот со Државна лотарија. Меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами. Обвинителството ги товари осумтемина дека во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле своите службени овластувања, со намера да ѝ нанесат значителна штета на Државната лотарија. Според обвинителниот акт, штетата изнесува 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.

Клучното прашање во предметот е – кој и како ја туркал одлуката Државната лотарија самостојно да започне со приредување електронски игри на среќа и да набави видеолотариски терминали, иако, според обвинителството, Лотарија повеќе немала право на тоа.

 ПРАВОТО БИЛО ВЛОГ ОД 6,2 МИЛИОНИ ЕВРА

Во обвинението се наведува дека обвинетите биле свесни оти Државната лотарија немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали.

Државната лотарија во 2013 година го „внела“ правото на приредување електронски игри како свој капитал во новооснованото друштво со Државна Видеолотарија -КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје. Тоа право било проценето на 6,24 милиони евра, а Лотаријата за возврат добила 51 отсто од сопственоста во друштвото. Според обвинителството, токму поради тоа, правото веќе било вложено во Државна видеолотарија и Лотаријата немала основ повторно самостојно да приредува електронски игри преку ВЛТ-терминали.

Обвинителството тврди дека осомничените знаеле дека правото веќе било вложено во новото друштво, но и покрај тоа продолжиле со постапката за самостојно приредување на електронски игри.

 ИНФОРМАЦИЈАТА ОД 9 МАЈ 2023 ГОДИНА

Според обвинителниот акт, првообвинетиот, тогашен генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 9 мај 2023 година доставил до генералниот секретар на Владата информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронски игри на среќа. Во информацијата било наведено дека набавката ќе изнесува 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на Државната лотарија.

Тоа, според самата информација, значело дека станува збор за „голема зделка“, за чие одобрување бил надлежен Надзорниот одбор на друштвото. Но, наместо информацијата да биде вратена до подносителот и доставена до надлежниот орган, обвинителството тврди дека генералниот секретар на Владата на 6 јуни 2023 година ја предложил како дополнителна точка на дневен ред на владина седница. Според обвинението, со тоа постапил спротивно на Деловникот за работа на Владата.

 ВЛАДАТА ЈА ОТВОРИЛА ВРАТАТА, НАДЗОРНИОТ ОДБОР ЈА ОДОБРИЛ ЗДЕЛКАТА

Обвинителството тврди дека второобвинетиот, кој имал реално влијание во раководењето со Државна лотарија, претседавал со седницата на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво. Според обвинителниот акт, тој предложил точката да биде усвоена иако бил свесен дека одлуката не била во надлежност на Владата како Собрание на Државната лотарија. Информацијата била усвоена, а Државната лотарија била задолжена да ги преземе потребните активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и спроведување јавна набавка на видеолотариски терминали.

Следниот чекор бил Надзорниот одбор. Претседателот и членовите на Одборот, според обвинителството, иако знаеле дека законската процедура не била испочитувана, донеле одлука со која го одобриле започнувањето на јавната набавка како голема зделка. Набавката потоа била реализирана, а Државната лотарија презела обврски за плаќање. Резултатот, според Обвинителството: штета од 507.632.173 денари.

ГРУБИ – ОД БЕГСТВО ДО КУЌЕН ПРИТВОР

Поранешниот прв вицепремиер повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот. Во декември 2024 година ја напушти земјата, по што беше распишана меѓународна потерница во рамките на истрагата за Државна лотарија. Во февруари годинава тој се врати во земјата и беше приведен на граничниот премин Блаце. По неговото враќање, наместо во затворски притвор, му беше определен куќен притвор, со одземена патна исправа и забрана за издавање нова исправа за преминување на границата. Сега обвинителството, со самото тоа што поднесе обвинение , бара продолжување на куќниот притвор.

Предметот по истрагата преминува во обвинителна фаза, а судот треба да одлучува и за понатамошното обезбедување на присуството на обвинетите. За првообвинетиот, кој според Обвинителството повторно е недостапен, е побаран притвор од пронаоѓањето во траење од 30 дена. За останатите обвинети се предложени мерки на претпазливост – јавување во суд, одземање патни исправи и забрана за контакти со определени лица.

ПРЕДМЕТОТ ИМА ДВОЈНА ТЕЖИНА, ФИНАСИСКА И ПОЛИТИЧКА

Груби со години беше еден од најблиските соработници на Али Ахмети и една од највлијателните фигури во владите на СДСМ и ДУИ. Неговото бегство во декември 2024 година дополнително го зголеми политичкиот притисок околу случајот. Во февруари, по неговото враќање, партиските реакции повторно го отворија прашањето дали Груби ќе даде исказ пред надлежниот обвинител и ќе има политички последици за ДУИ.

Неодамна лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за косовската ТВ 21 изјави дека побарал Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со одговорност за каква било злоупотреба на довербата. Рече дека бара вистинска и неселективна правда, надевајќи се дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор и дека постапката ќе продолжи.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ