Банката на Англија потроши повеќе од 85.000 фунти (приближно 98.000 евра) за истражување и јавни консултации во врска со планот за замена на историските личности на британските банкноти со мотиви од природата, објави денес британски „Телеграф“ (The Telegraph).
Според податоците добиени преку барање за слободен пристап до информации, банката издвоила 63.000 фунти (приближно 72.500 евра) за истражување на изводливоста на изборот на природата како нова тематска основа за банкнотите.
Од таа сума, 49.000 фунти (приближно 56.400 евра) ѝ биле исплатени на консултантската фирма „Саванта“ (Savanta) за спроведување фокус-групи.
Дополнителни 22.500 фунти (приближно 25.900 евра) биле издвоени за јавни консултации околу тоа кои животни треба да се појават на идните банкноти.
На сегашните банкноти на Банката на Англија, меѓу другите, се прикажани Винстон Черчил на банкнотата од 5 фунти, Џејн Остин на онаа од 10 фунти, уметникот Џ.М.В. Тарнер на банкнотата од 20 фунти и математичарот Алан Тјуринг на банкнотата од 50 фунти. Истражувањето на компанијата „Саванта“ препорача напуштање на практиката за прикажување историски личности, со образложение дека тие претставуваат „поглед кон минатото на Велика Британија“ и носат прекумерен ризик од поделби и контроверзии.
Од Банката изјавија дека истражувањето било спроведено како дел од процесот на одлучување за идниот дизајн на банкнотите, додека јавните консултации резултирале со околу 44.000 одговори. Според Банката, најголем број предлози се однесувале на теми поврзани со природата.
Листата од 18 потенцијални животни ги вклучувала црвената лисица, афалината (вид делфин), европскиот зајак и атлантскиот морски папагал, покрај други видови автохтони за Британските острови, пренесува Танјуг. Се очекува гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, до крајот на годината да донесе конечна одлука за тоа кои животни ќе бидат прикажани на новите банкноти.
Планот наиде на критики од некои британски политичари. Ли Андерсон, претседател на партијата „Реформ УК“ (Reform UK), го опиша трошењето јавни пари за отстранување на ликови како Черчил и Тјуринг како „скандалозно“.
„Срамно е што Банката на Англија одлучи да троши јавни пари за да ги избрише нашите најголеми херои од банкнотите и наместо нив да става жаби и пеперутки. Нивното отфрлање на луѓе како Винстон Черчил и Алан Тјуринг – луѓе кои ја спасија оваа земја – поради идеолошки етикети како ’елитистички‘ и ’раздорни‘, е чиста бесмислица и навреда за споменот на луѓето што ја направија Британија голема“, изјави Андерсон.
Од Банката на Англија велат дека редизајнот на банкнотите е неопходен поради сè поголемата способност на фалсификаторите да ја копираат постоечката валута, како и дека секој евентуален потег кон напуштање на прикажувањето историски личности треба да се гледа како „позитивна еволуција“, а не како бришење или цензура на историјата.









