По долг период на тропски горештини и разорни невремиња, Европа ја очекува нагла промена на времето. Според прогнозите на метеоролошката веб-страница Severe Weather Europe (SWE), силен продор на студен воздух ќе донесе значително освежување, температури и до 12 степени под просекот за овој период од годината, студени ноќи и услови за нови силни бури.
Најголем дел од централна и источна Европа, како и Балканот, веќе чувствуваат пад на температурите по неодамнешните топлотни бранови и силни невремиња. Сега, според метеоролозите, следува уште поизразено заладување предизвикано од продор на постудени и понестабилни воздушни маси од север.
Дневните максимални температури ќе се вратат на сезонски вредности и во повеќето места ќе останат под 30 Целзиусови степени. До четврток температурите ќе бидат од четири до осум степени под просекот.
Најсилниот удар на студениот бран се очекува во петок и сабота, кога неговото јадро ќе се спушти кон јужниот дел на Балканот. Во јужен Балкан, јужна Италија и Грција температурите во пониските слоеви на атмосферата ќе бидат дури 10 до 12 степени под нормалата за крајот на јули.
Метеоролозите предупредуваат дека судирот на студениот воздух со преостанатите жешки воздушни маси ќе создаде услови за развој на силни грмотевични бури, особено од Италија кон западниот и јужниот дел на Балканот. Ова значи дека, иако жештините ќе попуштат, во делови од регионот постои зголемен ризик од интензивни врнежи, силен ветер и локални временски непогоди.












