четврток, јули 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Русија со најголем пад на производството на нафта во последните 20 години

Русија со најголем пад на производството на нафта во последните 20 години

0

Производството на нафта во Русија во јуни забележа најголем пад во последните две децении, односно од 2006 година, главно поради повторените напади врз нафтените рафинерии, соопшти руската државна статистичка агенција Росстат.

Според податоците, производството во јуни било за 12 проценти пониско во однос на мај и за 21,7 проценти во споредба со истиот месец лани. Во првата половина од годината, вкупниот пад достигнал 7,7 проценти. Негативниот тренд започна уште во април, кога производството се намали за 9,2 проценти на годишно ниво, а во мај падот изнесуваше 13,5 проценти.

Намаленото производство предизвика недостиг на гориво на бензинските пумпи и дополнителен раст на цените. Во периодот од 14 до 20 јули, бензинот поскапел за 1,7 проценти, додека дизелот за 1,9 проценти.

Од почетокот на годината, цената на бензинот е повисока за 18,3 проценти, а на дизелот за 20,2 проценти, покажуваат податоците на Росстат.

Поради недостигот, руските власти почнаа да увезуваат бензин и дизел и воведоа даночни олеснувања за увезените горива со цел да го стабилизираат домашниот пазар.

Вицепремиерот Александар Новак изјави дека состојбата на пазарот делумно се стабилизира, но ограничувања во снабдувањето со гориво веќе се воведени и за одредени руски воени единици.

ИЗДВОЕНИ