„Никој не ме консултираше дека ќе бидам сменет од функцијата, ниту, пак, ми се јави“, се отвори министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, на брифингот со новинарите. Дека ќе биде дел од владината реконструкција не очекувал, со премиерот Христијан Мицкоски имал коректни професионални односи и поддршка во проектите во здравството. Кога се избираше минатата година во Собранието, Мицкоски за Алиу рече: „Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. Во овој процес, д-р Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата. Но, и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник“. Алиу кажа дека не се повлекува од политиката, но се враќа на професорското место на Југоисточниот универзитет во Тетово.
Министерот рече дека Законот за заштита од пушењето е еден од најбитните закони во Министерството за здравство од тие 15 во кои учествувал и се надева дека за две-три недели ќе биде изгласан и ќе стане дел од нашиот здравствен екосистем во државата, зашто е многу битен за здравјето на нашите граѓани.
Во однос на отворањето на тригодишните студии за парамедици кои ќе бидат стручни за давање прва помош и тријажа и со нив ќе се намали проблемот со недостиг на лекари и екипи во Итната медицинска помош, Алиу изјави дека од страна на МЗ се завршени сите процедури за воведување на овие студии и дека документацијата уште пред два месеци е веќе пратена до Сенатот на УКИМ.
„Чекаме одговор од Сенатот од УКИМ за да помине како нова студиска програма. Тоа се тригодишни студиски програми кои ќе овозможат нашите екипи да бидат пооптимални, подобро организирани, но од друга страна, да имаме предвидливост за Брза помош, бидејќи навистина, освен инфраструктурата, еден од главните проблеми е и човечкиот фактор. Значи, не може да се креираат тие тимови, бидејќи нели, лекарите одвреме-навреме привремено се таму, па после се префрлуваат на специјализации, супспецијализации и одат надвор од таа институција и цело време кубуриме со кадар таму“, кажа Алиу.
Со реконструкцијата на Владата, премиерот Мицкоски предложи нов министер за здравство да биде актуелниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, кој за весникот ВЕЧЕР, во четвртокот, брифираше дека предизвик ќе му биде промена на Правилникот на ставање лекови на позитивната листа. (П. А.)












