Идниот статус на Охридскиот Регион ќе биде познат по Генералното собрание на УНЕСКО што ќе се одржи следната недела, во Јужна Кореја. Вицепремиерот Александар Николоски очекува регионот да го задржи статусот на светско наследство и да не биде ставен на листата на загрозени подрачја. Во меѓувреме, Владата продолжува со активностите за заштита на природното и културното наследство, како и со разговорите со земјите членки на УНЕСКО.

Николоски истакна дека по посетата на Мисијата на УНЕСКО, е многу поголем оптимист за изградбата на автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан, која е дел од договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и посочува дека сега останува само да се избере трасата

 

Дали ќе остане Охридскиот Регион на листата на светско наследство на УНЕСКО, ќе биде многу појасно по Генералното собрание на оваа светска организација што ќе се одржи следната недела, во Јужна Кореја. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, е оптимист дека Охридскиот Регион ќе го задржи статусот на заштитено подрачје .

Во објава на социјалните мрежи, тој информира дека на 26 јуни, во Владата, се одржала значајна средба со амбасадори од УНЕСКО, на која разговарале за приоритетите на Македонија во делот на заштитата и одржливиот развој на нашето природно и културно наследство.

– Во однос на Мисијата на УНЕСКО, бевме заедно со заменик-министерката. Таму водиме силна битка. Мислам дека е многу значајно што успеавме да донесеме во Македонија над 10 амбасадори на земји членки на УНЕСКО бидејќи тие се гласаат. Следната недела, по Генералното собрание во Јужна Кореја, работите ќе бидат појасни во однос на најкритичната точка: дали ќе оди Охридскиот Регион како загрозено подрачје. Не сакам прерано да давам изјави, но мислам дека ќе успееме да го избегнеме тоа – рече Николоски на новинарско прашање при посетата на Тетово.

Според него, имало согласност од амбасадорите дека Охридскиот Регион има исклучителна универзална вредност и претставува богатство, не само за нашата држава туку и за целото човештво.

– Потребна е силна меѓугранична соработка со Албанија во делот на заштитата на Охридското Езеро и заштитата на Охридскиот Регион, природата не познава граници и потребно е заедно да ја чуваме. Акцентот го ставивме на развојот на Охридскиот Регион, на кој му припаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца и Поградец во Албанија, со заедничка определба да се зачува неговата автентичност, а истовремено да се обезбеди одржлив развој во интерес на граѓаните и на идните генерации – вели Николоски.

Охрид е веќе под строг надзор на ⁠УНЕСКО. Главни проблеми се дивоградбите и загадувањето, државата испрати извештај за спас на регионот, ако не се решат, Охрид може да оди на „црната листа“.

Николоски истакна дека по посетата на Мисијата на УНЕСКО, е многу поголем оптимист за изградбата на автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан, која е дел од договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и посочува дека сега останува само да се избере трасата.

– Во однос на изградбата на автопатот, веќе не е прашање дали ќе се гради, тоа беше прашање пред да дојдат, имаше одредени размислувања целосно да се забрани, сега е само прашање да се избере трасата. Тоа е веќе многу попозитивно, затоа што дали ќе е еден километар полево или подесно, на крајот на краиштата, ќе се реализира. Така што, јас сум многу, многу поголем оптимист по завршувањето на Мисијата, која нè посети – изјави Николоски при посетата на Тетово.

Автопатот Тетово – Гостивар готов до 2028 година

Николоски се осврна и на автопатската делница од Тетово до Гостивар, која, исто така, е обврска од договорот со „Бехтел и Енка“. Тој најави дека динамиката на пробивање на трасата оди добро и очекува веќе во 2027 година да бидат готови првите километри од оваа делница, а целиот автопат да биде целосно готов во 2028 година.

– Добро оди изградбата на автопатот Тетово – Гостивар. Тоа е автопат што го почна оваа Влада, решени се сите прашања поврзани со експропријацијата, сега се решаваат работите што се поврзани со дислокацијата на водовите. Исто така, не сакаме да го отсечеме населението од едната или од другата страна на автопатот и затоа паралелно се работат натпатниците, односно мостовите и доколку продолжиме со оваа динамика, веќе следната година ќе ги видиме првите завршени километри, а до крајот на 2028 година целосно ќе биде завршен автопатот од Тетово до Гостивар и тоа е нешто на што сум особено горд – изјави Николоски.

Тој информира дека заедно со Европската Унија, во рамките на Планот за раст, веќе интензивно се работи на документацијата за железничко поврзување на Скопје со Тетово и со Гостивар во првата фаза, со Кичево во втората, а во третата фаза со Охрид, Струга и со Република Албанија.

– Мојата идеја и еден вид сон е да направиме меѓуградски возови, нешто што многу ќе го растовари сообраќајот, ќе ги намали метежот и загадувањето. Интензивно се работи тој проект и се надевам дека веќе следната година ќе можеме да ги видиме првите конкретни работи и за неколку години да може за половина час да се оди од центарот на Тетово до центарот на Скопје со едно пријатно возење – рече Николоски, посочувајќи дека овие активности ќе бидат продолжение на проектот „Градски воз“ во рамките на Скопје.

Тетово доживува инфраструктурен бум

Николоски, неговата заменичка Калтрина Зеколи Шаќири и тетовскиот градоначалник извршија увид во реконструираната улица „Штипска“. При посетата, Николоски ја истакна успешната соработка меѓу Владата и Општина Тетово, нагласувајќи дека градот доживува силен инфраструктурен развој преку реализација на бројни капитални проекти.

– Навистина е големо задоволство кога ќе се видат завршени проекти. Станува збор за една од подобро сработените улици што сум ги видел во државата. Сакам да му честитам на градоначалникот, навистина прави одлична работа. Тетово доживува инфраструктурен бум и тоа е за секоја поддршка и поздравување – изјави Николоски.

Тој посочи дека реконструкцијата на улицата „Штипска“ е дел од проект што се реализира во соработка со Општина Тетово и со Светската банка, додавајќи дека само преку програмите на Министерството за транспорт во Општината се реализираат инфраструктурни проекти во вредност од 428 милиони денари.

– Општина Тетово, само преку програмите што одат преку Министерството за транспорт, досега има реализирано или реализира проекти во вредност од 428 милиони денари. Она што е уште поважно е што степенот на реализација е исклучително висок – нагласи министерот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ