Автопатот Кичево Охрид, долг околу 57 километри, со години беше симбол за долгите рокови и сложените инфраструктурни проекти. Сега очекувањата се дека по повеќе од една деценија од почетокот на изградбата, конечно ќе стане реалност и ќе овозможи побрза и побезбедна врска меѓу западниот дел на земјата и Охрид

По години чекање, промени на планови, проблеми со свлечишта и сложени градежни зафати, автопатот Кичево –Охрид влегува во најдинамичната фаза. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при увидот на трасата кај Пресека – Кичево изјави дека изградбата се одвива со забрзано темпо и уверува дека конечно се гледа крајот на проектот кој со години беше една од најголемите инфраструктурни приказни во Македонија.

Според него, две галерии се целосно завршени, на третата се работи со полна пареа, а паралелно се довршуваат мостовите, се стабилизира теренот и се работи на тунелите.

– Зад нас имаме три галерии кои се во завршна фаза. Две се целосно готови, а на третата интензивно се работи. Во следните неколку месеци ќе отвориме уште 10 километри, токму на најкомплицираниот дел каде што се тунелите и галериите – рече Николоски.

Автопатот Кичево – Охрид започна да се гради во 2014 година, со првични најави дека ќе биде завршен за неколку години. Но, уште во текот на изградбата се појавија сериозни проблеми – непредвидени геолошки услови, нестабилен терен, свлечишта, потреба од измени на проектната документација и дополнителни инженерски решенија.

Токму нестабилното земјиште се покажа како еден од најголемите предизвици. На делови од трасата, наместо класични потпорни решенија, инженерите мораа да применат нови пристапи, меѓу кои и изградба на галерии кои треба да го заштитат патот и да обезбедат безбедно движење на возилата.

– Ова беше најпаметното решение за стабилизација на земјиштето. Треба да имаме безбедна траса и сигурно возење. Ова беше напуштен проект, проект во кој никој не веруваше, но сега веќе се гледа крајот – изјави Николоски.

Според него, во моментов веќе се вози на 34 километри од автопатската делница, а наскоро ќе бидат пуштени уште 10 километри. Особено внимание привлекуваат тунелите кои ќе бидат најдолги во Македонија – едната цевка ќе биде долга околу два километри, а другата околу два километри и 100 метри.

Од кинеската компанија „Синохидро“, која е главен изведувач на проектот, неодамна порачаа дека најголемите инженерски и геолошки предизвици се надминати. Потпретседателот на компанијата, Ванг Џијанфенг, пред две недели за весникот ВЕЧЕР изјави дека автопатот ќе биде завршен во 2027 година и дека идната година треба да се вози по целата делница Кичево – Охрид.

Според најавите, наесен треба да бидат пуштени дополнителни девет километри, со што ќе бидат ставени во функција околу 36 километри од трасата. Потоа ќе останат завршни работи на локалните патишта и на клучките.

 

 

ИЗДВОЕНИ