Жетвата на пченицата во најголем дел од земјава е при крај, а откако ќе се сумираат приносите, Министерството за земјоделство ќе седне на заедничка маса со земјоделците и со откупувачите за да се разговара за откупната цена и за можните мерки за поддршка. Според министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, најпрво ќе се направи анализа на производството и на капацитетите за складирање, а потоа ќе се бара решение за предизвиците со кои се соочуваат производителите.
– Жетвата на пченицата во земјава веќе привршува. Во некои региони е веќе завршена. Треба да се направат анализа и сондажа колку количества пченица ќе добиеме од околу 63.000 хектари и колку се капацитети кои ќе ја примат пченицата. Но, кога зборуваме за цената, знаеме дека ова е берзанска работа и, реално, не зависи само од нас како држава, туку зависи од регионот. Во наредниот период треба да направиме добра анализа и да видиме какви можности како држава имаме за да им помогнеме на земјоделците – изјави Серафимовски.
Тој најави дека со ребалансот на Буџетот, по неговото усвојување, ќе бидат исплатени околу 1,2 милијарди денари за субвенции, меѓу кои се опфатени и производителите на житни култури.
Министерот се осврна и на претстојната берба на грозјето, која започнува за околу еден месец. Тој информираше дека веќе имал средби со винариите за да се разгледаат состојбите со откупот, резервите и слободните капацитети.
– Разговаравме за Законот, за слободните капацитети и за резервите што ги имаат. На 15 јули дадовме конкретна цена, согласно со Законот и методологијата кои се прифатливи за лозарите. Во наредниот период ќе излеземе со креирање мерки за помош и за едната и за другата страна – рече Серафимовски.
Министерот рече дека Владата со ребалансот обезбедила дополнителни средства и дека се работи на исплата на заостанатите обврски, меѓу кои се и субвенциите за сточарите.
– Се обидуваме да дадеме интензитет на нивна исплата. Затоа со ребалансот, Владата предвиде поголеми средства, а и сточарите се предвидени со ребалансот да бидат исплатени. Јас само ќе замолам мало трпение од сточарите додека да поминат сите законски процедури во Владата и во Собранието и потоа веднаш ќе бидат исплатени согласно со правилниците и уредбата – изјави Серафимовски.












