Македонија започнува нов моќен инвестициски циклус насочен кон модернизација на транспортните и енергетските коридори, за што се потребни австриските технологии, искуство и капитал. На македонско-австрискиот бизнис-форум во Скопје беше истакнато дека за развој на економијата се клучни предвидливоста за инвеститорите, заштитата на домашните компании и обезбедувањето фер конкуренција при реализацијата на европските грантови. Со фокус врз обновливите извори, модернизацијата на железницата и патната мрежа, двете земји отвораат нови можности за долгорочно партнерство и посилна регионална интеграција.
Македонија влегува во нов инвестициски циклус во енергетиката, во кој паралелно се развиваат производните капацитети, складирањето, преносната инфраструктура, регионалните интерконекции и пазарното поврзување. За таа цел, на земјава ѝ се потребни австриски технологии и инвестиции. Ова беше истакнато на македонско-австрискиот бизнис-форум што се одржува во Скопје, во Стопанската комора на Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето пред австриските бизнисмени истакна дека нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори, туку да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и да ја искористи таа енергија.
– За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери. Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства – истакна Божиновска.
Таа се осврна и на процесот на гасификација, на градењето интерконектори со Грција и со Србија, на батериски системи, обновливи извори, енергетска ефикасност и модернизација на мрежата.
– За нас, предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката – нагласи министерката.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, пак, се осврна на средствата од европските грантови, што, според него, не треба да завршуваат кај компании од земји кои не се членки на Европската Унија, притоа отворајќи го прашањето за нелојалната конкуренција со која, како што оцени, се соочуваат македонските компании.
– Не можам да разберам како е возможно средствата на даночните обврзници на Европската Унија да одат во држави кои не се од Европската Унија – рече Николоски, посочувајќи дека проблемот особено доаѓа до израз кај проектите финансирани преку Планот за раст.
Тој направи разлика меѓу европските грантови и кредитите, нагласувајќи дека кредитите ги враќа земјата корисник, заедно со каматите, додека кај грантовите станува збор за директна поддршка од европските средства. Според Николоски, условите за учество на компаниите во овие проекти треба да обезбедат фер и еднаква конкуренција, особено за домашниот бизнис.
На форумот, покрај прашањето за европското финансирање, во фокусот беа и инфраструктурата, енергетиката, извозот и иновативноста – области кои претставниците на бизнис-заедницата ги посочија како клучни за идниот економски развој на земјата.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека инфраструктурата, извозот и иновативноста треба да бидат оперативни приоритети за македонската економија, особено во услови кога земјата има географска позиција што ја поставува на важни европски транспортни коридори. Азески оцени дека без брзи, модерни и безбедни патишта, модернизирана железница и предвидлив енергетски систем, тешко може да се очекуваат повисока продуктивност, поконкурентен извоз и посилна регионална интеграција.
– Не можеме да очекуваме висока продуктивност, конкурентен извоз или регионална интеграција ако камионите со стока ни стојат – порача Азески, укажувајќи дека деловниот сектор со години бара целосна ревитализација на сообраќајните и енергетските коридори.
Токму во тој контекст, австриските компании присутни на форумот беа претставени како потенцијални партнери во реализацијата на инфраструктурните и енергетските проекти. Азески посочи дека станува збор за компании со технологии и искуство што можат да одговорат на дел од предизвиците поврзани со изградбата и обновувањето на Коридорот 10 и поврзувањето со Коридорот 8.
Во фокусот на разговорите на Македонско-австрискиот бизнис-форум беа актуелните и планираните капитални инвестиции, модернизацијата на транспортната мрежа, транзицијата кон обновливи извори на енергија и примената на современи технолошки решенија.
Николоски: Да се реши проблемот со визите за превозниците, стоката не смее да чека!
Македонските превозници не треба да ги бројат деновите и часовите кога ја превезуваат стоката кон Австрија, а проблемот со ограничениот престој мора да се реши со договор за долгорочни визи, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на македонско-австрискиот бизнис-форум во Стопанската комора.
Николоски оцени дека без непречен проток на стоките меѓу двете земји, разговорите за продлабочување на економската соработка губат дел од својата суштина. Според него, потребно е да се овозможи слободен проток на стоки и добра, без задржувања, чекања и административни пречки.
– Во 21 век, со признати либерализации, со земја кандидат за членство во ЕУ која ги започна преговорите, да разговараме дали македонски превозник кога ќе се качи во камион, треба да ги брои деновите, часовите и минутите колку престојува и да брза да се врати назад, а ако не се врати, прашање е дали возачот ќе замине зад решетки, мислам дека разговараме за апсурд – рече Николоски.
Тој информираше дека прашањето за македонските превозници се разговара со австриските власти веќе осум месеци, но досега, како што оцени, нема конкретен резултат. Затоа упати апел до бизнис-заедницата да помогне во забрзување на процесот и постигнување билатерален договор со Австрија со кој македонските превозници би можеле да добиваат долгорочни австриски визи.
– Не можеме да зборуваме што сакаме овде, но ако нема начин како добро да ја изнесеме робата од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, бесполезно разговараме – порача вицепремиерот и како пример на таков модел тој ги посочи Хрватска и Словенија, со кои Македонија веќе има договори, а додаде дека се разговара и со други европски држави.
Според него, првичната идеја била да се најде решение на ниво на Европската Унија, но досегашните разговори покажале дека моделот треба да се бара преку билатерални договори со одделни земји.
Покрај проблемот со превозниците, Николоски се осврна и на прашањето на нелојалната конкуренција при понудите за тендер на инфраструктурни проекти во рамките на ЕУ. Тој посочи дека голем дел од зделките ги добиваат компании од земји надвор од Унијата, меѓу кои ги наведе Кина и Индија.
Според Николоски, паралелно со обезбедувањето непречен проток на стоките, потребно е да се создадат и пофер услови за европските компании при реализацијата на инфраструктурните проекти.
– Ако имаме нелојална конкуренција, од една страна, а немаме слободен проток на стока и на добра, тогаш нема поента да разговараме што и да е. И обратно, ако ги решиме овие два проблеми, тогаш можностите се огромни – истакна Николоски.
(С. Бл.)












