Скопје неделава е центарот на светската градежна и инженерска наука. Учествуваат околу 600 професори, научници и експерти од сите краишта на светот на престижната научна конференција „Еурок 2026“, во организација на Друштвото за геотехника на Македонија и на Градежниот факултет. Организацијата на овој глобален настан е директен резултат на големиот успех од 2023 година во Салцбург, каде што македонскиот Градежен факултет го освои првото место за иновативност и го извојува правото Скопје да биде домаќин.

На отворањето на конференцијата се обрати заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ја истакна клучната и нераскинлива врска меѓу државата и научната јавност при реализацијата на големите инфраструктурни проекти. Во своето обраќање, тој посочи дека Македонија се наоѓа во срцето на најголемиот инвестициски циклус на изградба и модернизација на патната и на железничката мрежа, вреден неколку милијарди евра.

– Престиж е тоа што Македонија е домаќин на еден од најголемите собири во делот на градежништвото. Навистина е прекрасно да се видат околу 600 професори од сите делови на светот како дискутираат за најголемите инженерски предизвици. Ова ќе им помогне на нашите професори и научници, а тие, пак, ќе ни помогнат нам да реализираме уште повеќе и подобри проекти – истакна Николоски.

Министерот за транспорт ја подвлече и геостратешката важност на земјата, како централна транзитна точка на Балканот каде што се пресекуваат двата главни европски сообраќајни коридори — Коридорот 8 и Коридорот 10. Според него, комплексноста на теренот и капиталните инвестиции што се во тек бараат врвна инженерска експертиза и иновативни геотехнички решенија, што ја прави соработката помеѓу Владата и домашните и странските научни институции од витално значење за идниот економски развој.

ИЗДВОЕНИ