Австралијците ќе имаат три часа бесплатна сончева енергија дневно

25

Австралија ќе им нуди на домаќинствата, вклучително и на оние без соларни панели, најмалку три часа бесплатна сончева енергија секој ден, во рамките на програмата за заштеда на енергија што треба да стане активна во 2026 година, изјави австралискиот министер за енергетика, Крис Бовен.

Програмата „Соларен делител“ прво ќе биде лансирана во државите Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и југоисточен Квинсленд, пред да се прошири во другите делови од земјата.

Жителите ќе можат да користат бесплатна енергија во периодите на врвно производство, главно на средината од денот.

– Домаќинствата што ќе успеат да ја приспособат својата потрошувачка на периодите на бесплатна електрична енергија ќе имаат директна корист, без разлика дали имаат соларни панели или не и без оглед на тоа дали се сопственици или изнајмувачи. Колку повеќе луѓе ќе ѝ се приклучуваат на програмата и ќе ја префрлаат својата потрошувачка на овие часови толку ќе биде поголема користа за целиот систем и толку ќе бидат пониски трошоците за сите корисници на електрична енергија – рече Бовен.

Во Австралија, околу четири милиони домаќинства веќе имаат соларни панели на своите покриви.

Програмата ќе им биде достапна и на станарите во зградите што немаат свои соларни панели, под услов да имаат паметно броило и да ја приспособат потрошувачката на енергија на средината од денот, кога можат бесплатно да користат електрична енергија или да ги полнат електричните возила.

Австралија постави цел во 2022 година: дека до 2030 година, 82 проценти од нејзината електрична енергија ќе доаѓа од обновливи извори, со законски потребното намалување на емисиите на стакленички гасови од 43 проценти, во споредба со нивоата од 2005 година.

ИЗДВОЕНИ