Гилберт Аренас му одговори на Никола Јокиќ по неговите изјави за европската кошарка и за притисокот што го носи играњето на Стариот Континент. Јокиќ порача дека во Европа и во репрезентацијата најважна е победата, а не индивидуалната статистика и додаде дека би сакал секој НБА-играч да почувствува таков притисок.
Аренас, сепак, има поинаков став. Тој прво посочи дека и американската репрезентација не игра за статистика, туку за трофеи.
- Така ве победивме вас и Франција. Не ни беше грижа за статистиката. Освоивме злато – порача поранешниот НБА-бек.
Потоа тој ја нападна и европската клупска кошарка, со особено остра порака за Евролигата.
- Нашето „ѓубре“ – играчите што не можат да влезат во овие состави – одат таму и стануваат најдобри играчи во Евролигата – изјави Аренас.
Според него, американските кошаркари имаат огромно влијание во европските тимови, па, очигледно, не се согласува со тезата на Јокиќ дека Европа носи поголем кошаркарски притисок.











