петок, септември 18, 2026
Дома МАГАЗИН „Антропик“ тајно отвори биолошка лабораторија, додека нејзините експерти предупредуваат на опасностите од...

„Антропик“ тајно отвори биолошка лабораторија, додека нејзините експерти предупредуваат на опасностите од вештачката интелигенција

10
EPA/ADAM VAUGHAN

„Антропик“ (Anthropic) тивко основа лабораторија за практични биолошки истражувања, додека ги проширува своите амбиции во областа на вештачката интелигенција кон развојот на лекови. Во време кога јавноста е сè повеќе загрижена поради вештачката интелигенција, стартапот изгради таканаречена „wet lab“ (лабораторија за практични експерименти со хемиски и биолошки материи) во областа на заливот Сан Франциско, според две лица запознаени со ситуацијата. Anthropic претходно ја истакна својата цел да овозможи развој на терапии за ретки болести, а нивните биолошки истражувања сега излегуваат надвор од рамките на in silico, односно компјутерските анализи.

Во изјава за Ројтерс во вторникот, Ерик Каудерер-Абрамс, раководителот за бионауки во Anthropic, го потврди постоењето на лабораторијата.

„Сметаме дека, кога станува збор за биологијата, крајниот тест сè уште е – и уште некое време ќе остане – вистинската лабораториска работа“, рече тој. „Секако дека го правиме тоа и денес, а би рекол дека нашиот пристап е типичен за повеќето биотехнолошки компании: дел од работата ја вршиме внатрешно, а за други делови соработуваме со надворешни партнери.“

Портпарол на компанијата подоцна појасни дека лабораторијата на Anthropic не е наменета исклучиво за откривање нови лекови, иако одби да даде дополнителни детали.

Овој потег претставува мал чекор кон огромната амбиција на Anthropic да се справи со болести кои, според нив, фармацевтската индустрија ги запоставува – и тоа да го стори пред вработените и јавноста да ја изгубат довербата дека вештачката интелигенција го оправдува укинувањето на работни места или дури и потенцијалните ризици по човечкиот живот, изјави едно од лицата. Успехот на која било програма за развој на лекови што компанијата ќе ја започне не е загарантиран, а повеќето лекови не успеваат да ги поминат клиничките испитувања за безбедност и ефикасност.

За извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, овој потфат има и лична димензија. Неговиот татко починал од болест само неколку години пред да се најде лек за неа, напиша тој во неодамнешен есеј. Каудерер-Абрамс изрази сличен став.

„Мисијата на компанијата е да развива моќна вештачка интелигенција на начин што ќе му користи на светот“, изјави Каудерер-Абрамс. „Ние гледаме убедливо најголема можност за ова во биолошките науки, и тоа е движечката сила зад сè што правиме.“

Стартапот има за цел да ги прошири способностите на својот систем за вештачка интелигенција, Claude, за да му овозможи да управува со роботски единици кои спроведуваат научни експерименти со минимална човечка интервенција, рече едно од лицата. Сепак, Anthropic тврди дека човечкиот надзор и вклученост се клучни за безбедноста, изјави портпарол на компанијата.

„Ние сме на самиот почеток на користењето на вештачката интелигенција за автоматизирање на лабораториската работа“, рече Каудерер-Абрамс, „а ова е област со потенцијал значително да забрза широк спектaр на процеси.“

Трката на Anthropic да примени технологија што брзо се развива во биолошка лабораторија доаѓа во клучен момент за компанијата.

Во текот на изминатите две недели, некои од нејзините истражувачи предупредија дека вештачката интелигенција би можела да доведе до изумирање на човештвото, а Anthropic објави дека открила случаи во кои нејзините системи би можеле да се искористат за развој на биолошко оружје – тврдење што предизвика скептицизам кај некои експерти.

Амодеи исто така повика на забавување на развојот, предупредувајќи дека идната вештачка интелигенција – која би била поспособна од агентите на OpenAI што ја хакираа платформата Hugging Face – би можела да предизвика катастрофална штета. Во меѓувреме, Anthropic се подготвува за иницијална јавна понуда на акции (IPO) со потенцијална пазарна вредност од 2 трилиони долари, со цел да собере дополнителни средства за развој на вакви системи за вештачка интелигенција.

„Во нашата работа во областа на науките за животот, секогаш се обидуваме да најдеме рамнотежа меѓу овие работи“, рече Каудерер-Абрамс, „подобрувајќи ги моделите на начини за кои веруваме дека ќе го унапредат и забрзаат развојот на лекови, а истовремено носејќи промислени и внимателни одлуки за тоа како ги применуваме за да го ограничиме ризикот.“

Во јуни, на настан во Сан Франциско, Anthropic ги објави плановите за започнување на сопствени програми за развој на лекови. Каудерер-Абрамс тогаш изјави дека компанијата ќе спроведува претклинички истражувања во области кои не се финансиски атрактивни за традиционалните компании.

Компанијата исто така го претстави софтверот „Claude Science“, а претходно го именуваше извршниот директор на „Novartis“, Васа Нарасимхан, во својот управен одбор и за околу 400 милиони долари во акции го купи стартапот Coefficient Bio, според медиумските извештаи. Anthropic ја потврди аквизицијата, која треба да ѝ помогне во развојот на алатки за развој на лекови, но не ја коментираше вредноста на трансакцијата.

ИЗДВОЕНИ