EPA/GIUSEPPE LAMI

Папскиот викар за Римската епархија, кардиналот Балдо Реина, во врска со реставрацијата на црквата Сан Лоренцо во Лучина во Рим, вчере рече дека веднаш ќе покрене истрага за да утврди евентуална одговорност откако некои медиуми објавија дека насликан ангел наводно ги зел цртите на лицето на италијанската премиерка Џорџа Мелони по реставрацијата.

Реина повтори дека Римската епархија останува посветена на заштитата на своето уметничко и духовно наследство, како и на ставот дека сликите од сакралната уметност и христијанската традиција не можат да се злоупотребуваат или експлоатираат, се наведува на веб-страницата на епархијата.

Неодамна беше спроведен проект за реставрација во базиликата Сан Лоренцо во Лучина, во рамките на кој лицето на еден од ангелите што ја опкружуваат мермерната биста на Умберто II Савојски наводно било променето, а ангелот наводно ги зел цртите на лицето на италијанскиот премиер, објави „Месаџеро“ во саботата.

Лицето на една од фигурите, првично едноставен херувим, е променето за да изгледа впечатливо како она на италијанската премиерка, наведе весникот.

Реставрацијата покренува прашања за методите на интервенција и контролите потребни за светилиштето со голема историска вредност, кое датира од 4 век, објави весникот.

По повод споредбите се огласи и самата италијанска премиерка.

„Не, дефинитивно не изгледам како ангел“, напиша Мелони на социјалните мрежи, придружена со насмеан емотикон, објавувајќи фотографија од детаљ на кој наводно се гледа херувим со лице слично на нејзиното.

Весникот објави дека реставрацијата не ја извршиле професионални реставратори кои работеле на други делови од црквата. На ова укажува јасно видливиот потпис на Бруно Валентинети, кој се претставува како црковен човек и декоратер. Тој е опишан како волонтер кој е присутен секој ден во парохијата.

Се наведува дека во минатото се кандидирал и за политички функции во десницата.

Прашањето за надзор на реставрацијата на црквата останува неодговорено, наведува весникот.

Како што се наведува таквата интервенција, особено во црква со голема уметничка вредност, требало да биде придружена со повеќе нивоа на надзор, од парохискиот свештеник до надзорникот задолжен за надзор на реставрацијата.

Тешко е да се замисли дека сличноста на лицето на ангелот со лицето на премиерката поминала незабележано, исто како што недостатокот на корективни мерки изгледа чудно, заклучува „Месаџеро“.

ИЗДВОЕНИ