– Длабоко сум трогната од ова високо признание, а уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како да е одликувана целата холандска поезија со овој венец – и од минатото и од сегашноста – вели во писмото холандската поетеса Анеке Брaсинга испратено по повод добивањето на наградата „Златен венец“ на СВП за 2026
Холандската поетеса Анеке Брaсинга е добитничка на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2026 година.
– Наградата ѝ се доделува на Брaсинга за нејзиното севкупно поетско творештво, а врз основа на високите естетски вредности, влијанието на нејзиниот поетски опус и исклучителниот придонес во современата европска и светска поезија – рече на денешната прес-конференција во Македонската академија на науките и уметностите, в.д. директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.
Одлуката годинашна лауреатка да биде Брaсинга е донесена едногласно од страна на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, а на предлог од Советот за доделување на наградата „Златен венец“, во состав: академик Катица Ќулавкова, академик Иван Џепароски, универзитетскиот професор Лидија Капушевска-Дракулевска, универзитетскиот професор Бранко Цветковски, поетот Славе Ѓорго Димоски, поетот и уметнички раководител на СВП, Мите Стефоски, и Никола Кукунеш, в.д. директор на институцијата.

– Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и со силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса што ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и со светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик – стои во образложението за наградата.
Се посочува и дека во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето.
– Нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се судираат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човековото постоење. Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и на духовно истражување. Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија – се додава во образложението.
Прва холандска поетеса на која ѝ е доделена наградата

По повод наградата, Брaсинга испрати писмо во кое ги искажа честа и големото изненадување за доделувањето на „Златниот венец“.
– Длабоко сум трогната од ова високо признание, а уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како да е одликувана целата холандска поезија со овој венец – и од минатото и од сегашноста – вели Брaсинга во писмото.
Додава дека во рамките на Европа, холандскиот јазик природно зафаќа релативно ограничено подрачје и поради тоа, низ вековите, во холандската култура се преведувале многу големи поети и писатели од други култури: Данте, Вергилиј, Хомер, Шекспир, Чехов…
– Како мал јазик, отсекогаш сме се хранеле со она што ни го носел поширокиот свет. Таквата плодна размена на јазици и култури на некој начин отсекогаш била извор на слобода – пишува таа.
Посочува и дека, за неа, поезијата е место каде што сите различни јазици, според зборовите на Валтер Бенјамин, учествуваат во едно симболично, метафорично пресоздавање или повторно откривање на еден единствен јазик — јазикот изгубен во Вавилон.
– Во ова време од историјата на човештвото, секој знак и секој израз на човечката совест и свест, искажан со универзалниот јазик на поезијата, претставува вистинско богатство.
Посочи и дека е благодарна што ќе учествува на прочуениот меѓународен струшки фестивал и се надева дека ќе го носи „Златниот венец“ со достоинство.
– Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик. И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да ги посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија и токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија. А јас уште од детството бев еден од тие читатели – вели годинашната лауреатка во писмото.
Авторка што целиот свој живот ги чува зборовите пред да исчезнат

На објавувањето на годинашната добитничка на „Златниот венец“ на СВП во МАНУ, присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој истакна дека Брaсинга е авторка што знае дека еден единствен збор, поставен со вистинска мера и тишина околу него, може да ја промени не само реченицата туку и начинот на кој читателот го доживува светот.
– Во исто време, нејзиното дело е и мост меѓу јазиците, меѓу културите, меѓу различните поетски традиции на Европа. Со доделувањето на „Златниот венец“ на Брасинга, се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата. Ова признание не е само почит кон едно исклучително творештво туку и нова можност за продлабочување на културниот дијалог меѓу нашите две земји. Тоа отвора врати за нови преводи, нови литературни средби, нови културни проекти, но и за една поширока културно-туристичка перспектива – рече Љутков.
Додаде дека Струга, со својата поетска традиција и со реката Дрим како вечен сведок на стиховите, може да стане место каде што холандските љубители на литературата ќе го откриваат духот на македонската култура, исто како што македонските читатели, преку поезијата на Брасинга, ќе го чувствуваат поетскиот пејзаж на Холандија.
– На мостовите на Дрим застанале поетски големини… Имиња што се пресвртници во историјата на поезијата. Денес името на Анеке Брасинга го збогатува тој престижен пиедестал, не како додаток, туку како логично продолжение на таа низа. „Струшките вечери на поезијата“ и Македонија, со „Златниот венец“, денес изразуваат благодарност кон авторка што целиот свој живот го прави токму она што го сметаме за наша врховна мисија: ги чува зборовите пред да исчезнат, ги преведува пред да замолчат и создава нови, пред да заборави светот дека има насушна потреба од нив – истакна министерот.
Еден од најзначајните светски поетски гласови
Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година, во Шарсберген. Како поетеса неформално дебитирала во 1985 година, со библиофилското издание на својата дебитантска збирка, за која ја добила наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во „Аурора“ (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката „Имот“ (Landgoed), за која ја добила наградата „Херман Гортер“ – поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза „Клешта“ (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ-наградата за литература во 2001 година, поетската збирка „Huisraad“ (1998) со наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка „Видик“ (Verschiet) (2001) и со наградата за поезија „Ида Герхардт“ (2002) и со престижната ВСБ-награда за поезија (2002). Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и на шпански јазик.
Централни теми во нејзиното творештво се љубовта, смртта, минливоста, желбата за спојување со светот и неможноста целосно да се оствари тоа спојување. Една од клучните одлики на нејзината поетика е интертекстуалноста. Нејзините песни постојано влегуваат во дијалог со книжевната, филозофската и музичката традиција – од античките текстови до модерната поезија. Овие референции не се декоративни, туку структурни, тие создаваат полифоничен простор во кој се преклопуваат различни гласови и времиња. Преведувањето, како суштински дел од нејзиниот творечки процес, дополнително ја продлабочува оваа отвореност кон други јазици и традиции, правејќи ја нејзината поезија место на постојана културна размена. Со своите јазична инвентивност, интелектуална длабочина, интертекстуална широчина и егзистенцијална интензивност, Брасинга создаде опус што ги надминува националните рамки и се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на современата поезија. Нејзиното дело не само што ја обновува чувствителноста за јазикот во холандската литература туку отвора и нови можности за поезијата во глобален контекст, како уметност што истовремено мисли, чувствува и создава светови. Наградата „Златен венец“ е уште една потврда за книжевните вредности на творештвото на Брасинга и со тоа сосема заслужено се вбројува во листата на најзначајните светски поетски гласови овенчани со неа.
По прогласувањето на добитникот на наградата „Златен венец“, во МАНУ продолжи и одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, 21 Март, со читање поезија од повеќе македонски поети и со порака од страна на Жарко Кујунџиски. (Н. И. Т.)
Фото: Poetry International и Ѕ. Плавевски












