понеделник, јули 20, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Кармичка правда

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Кармичка правда

661

Омразата, неморалот, злото и негативната енергија му се најголеми непријатели на духот на човекот. Кога размислуваме за негативното и ја трошиме нашата енергија за да го предизвикаме злото во животот на другите, создаваме сериозни проблеми за духовната состојба на нашата личност и максимално ја оптоваруваме нашата карма. Треба да знаеме дека во вселената постои принцип на неизбежна правда. Сите наши добра и зла се регистрираат со математичка точност, создавајќи ја нашата карма. Сè што правиме, ни се враќа со сличен агенс, сеењето добро ќе роди плодови на доброто, додека правењето зло неизбежно ќе ни создаде зло нам или на нашите потомци.

Кармата никогаш не доцни, ниту заборава да дојде по своето. Според рускиот филозоф Николај Рерих: „Човекот што не ги познава космичките закони, не се раководи според нив и е воден од неморални и егоистични побуди, прави нешта што му предизвикуваат страдање. И сè додека ги крши овие закони, човекот ќе страда бидејќи нема да биде свесен за својата лоша карма“. Космичките закони укажуваат дека сè што се случува е условено од претходна причина и дека нема случајност во светот. Доброто дело создава добра карма, исто како што секое зло иницира зло и предизвикува лоша карма. Според законот на кармата, човекот е лично одговорен за тоа што му се случува во животот. Неговите мисли, зборови и дела ја одредуваат и неговата судбина. Во Книгата на животот сè е запишано, така што никој не може да го избегне  кармичкиот закон на причина и последица.

Кармичката правда укажува дека секој, порано или подоцна, ќе одговара за своите постапки и дека неминовно ќе го добие она што го заслужува. Еден дел од кармата што ја создава човекот во својот тековен живот, се отплаќа во истиот живот. Другиот дел се одложува до она време кога ќе бидат создадени услови за нејзино отплаќање. Излезот од лошата карма се наоѓа во практикувањето љубов, во еволуцијата на свеста и во осознавањето на начелата на моралот, мудроста и позитивноста. Треба да знаеме дека луѓето што им прават зло на другите, преку законот на кармата, ги пренесуваат негативните импликации на себе или на своите поколенија.

Направеното зло никогаш не исчезнува бидејќи останува да живее во биокодот, односно во свеста и потсвеста на човекот, чекајќи погоден момент да го наплати долгот за негативните дела. Затоа, ако сториме нешто лошо, ќе мора да знаеме дека денес или утре, било во физичкиот или во внатрешниот свет, ќе има последици. Во светата книга на хиндусите, „Багахават гита“, е речено: „Сè што правите за себе, ќе ви се врати. Ако правите добро дело, тоа ќе ви донесе добри последици, лошото дело ќе донесе лоши резултати“. Интересно гледиште за доброто и за злото негувале и Македонците од поречкиот крај (конкретно од селото Рамне), кои кон потенцијалните злосторници, како предупредување, ги упатувале следниве зборови: „Ако тепаш, ќе те отепаат; ако палиш, ќе те запалат; ако мамиш, ќе те измамат“. Притоа ја потенцирале и причинско-последичната врска на позитивното постапување: „Ако помагаш другому, очекувај и тебе да ти биде помогнето; ако почитуваш, ќе бидеш почитуван; ако добрини правиш, и Бог ќе те награди со добро“.

Влијанието на кармата може да го намалиме со осознавање на причинителите за страдањата, со повисока свесност и со неутрализирање на ниската страст. Многу наши стравови произлегуваат од недостигот на знаења за работите што се случиле во минатото или што ни се случуваат во сегашноста. Непознатото создава страв, а осознаеното донесува ослободување. Причинско-последичната законитост никогаш не мирува, така што нештата од нашето минато неизбежно даваат резултати во нашата иднина.

Кармата претставува судбина, законитост, а дармата правилен избор помеѓу повеќе можности и свест да се избере најдоброто во дадениот момент. Зависно од тоа за што  размислуваме и од нашите постапки, такви ќе бидат и последиците. Со знаење, љубов и со себеспознание одиме кон ослободување на сопствената карма, а со тоа и кон враќање на хармонијата. Ќе постигнеме намалување на кармичкото влијание и откога ќе си простиме на самите себе, потоа откога ќе им простиме на другите за неправдите што ни ги создале во животот и на крај, откога ќе ги отвориме умот и срцето за проток на позитивната енергија, вистината и на љубовта. Сите ние преживуваме болки и разочарувања и сите ние добиваме желба за некаква одмазда и за остварување на кармичката правда, особено откако некои лица ја повредиле нашата личност со своето негативно, себично и неморално однесување.

„Треба да знаеме дека лицето што нè навредило е, на одреден начин, Божји гласник“, смета рускиот филозоф и истражувач Сергеј Лазарев. Со посредство на таа личност и со нејзиното однесување и односот кон нас, како и по пат на болката, Бог се обидува да ни помогне, т.е. нè повикува на промена. Затоа е клучно да не се разјадуваме со негативни мисли и премногу да тагуваме поради тоа што ни се случило, туку да работиме на себе, да се исчистиме од емоционалниот отров и сè да ѝ препуштиме на кармичката праведност – таа ќе направи секој да го добие заслуженото.

Повисоката основа на животот е во подигнувањето на свеста, во еволутивниот развој на личноста и во воспоставувањето духовна трансформација. Неретко кармичките лекции се случуваат со цел да ги иницираат нашите потенцијали и да нè потсетат дека сме заборавиле да вложуваме во мирот на сопствената душа и дека сме скршнале од патот на духовниот развој. Доколку долг период се наоѓаме во стагнација и одржуваме одреден љубовен однос во кој не се чувствуваме исполнето и не преземаме ништо за да бидеме среќни или работиме нешто што нè прави несреќни, тогаш лесно може да се случи да доживееме голем емоционален шок со цел ментално да се разбудиме и да сфатиме кон какви лица и ситуации го водиме сопствениот живот. Разочарувањето во другиот поради неговите лаги и неверства, болеста и губењето на работното место се едни од знаците што ни ги праќа кармата со цел да ни укаже дека живееме живот исполнет со страв, несигурност и илузии. Овие ситуации секогаш се случуваат кога премногу им се спротивставуваме на спиритуалните сили на еволуцијата, па мора да дојде до тие последици со цел да се поттикнат неопходниот личен развој и духовната трансформација. Кај лицата што поседуваат капацитет на повисока свесност и увид во сопствените вредности, емоционалниот шок може да предизвика промена на дотогашниот образец на однесување и да создаде голем еволутивен скок во сфаќањето и воздигнувањето на својата личност.

Народната мудрост вели секое лошо за добро, особено ако позитивно ги научиме лекциите и храбро тргнеме кон патеката на посреќниот и похармоничен живот.

Иако кармата решава кога ќе нè ослободи од одреден однос или ситуација, наше е преку дармата (правилно морално постапување) да покажеме дека сме подготвени за промена и дека работиме на чистење и ослободување од кармичките околности. Откако ќе се случи тоа, ќе се изненадиме како ни се буди целата енергија, почнуваме позитивно да зрачиме, духовно и физички се подмладуваме и стануваме сосема нов човек: полн со волја, ентузијазам, повисока свесност и подготвеност добро да ги искористи научените кармички лекции.

ИЗДВОЕНИ