Нов, голем успех постигнаа млади македонски математичари кои учествуваат на тековната 67 Интернационална математичка олимпијада што се одржува на 10 до 21 јули во Шангај – Кина. Шестчлената екипа која ја претставуваше Македонија во голема конкуренција успеа да освои еден златен и три бронзени медали. Со највредниот медал се закити еден од најуспешните млади македонски математичари Дамјан Давков од Штип, а бронзените одличја ги добија Ивано Божиновски, Андреј Тасиќ и Леонид Тодороски.
Веста за овој нов голем успех на престижниот светски натпревар социјални мрежи ја сподели Никица Давкова, мајката на Дамјан.
Во објавата се додава дека пофалница освоил Филип Калкашлиев, а успешно претставување имал и Марко Митевски. Лидер на тимот е Марко Петруштевски, а заменик-лидер Алексиј Тасиќ.
На Интернационалната математичка олипмијада во Шангај, на кјоја настапуваат учесниците на средношколската возраст, се појавија 680 натпреварувачи од 120 земји. Церемонијата на доделувањето на медалите е закажана за утре.
Ова е нов успех на млади македонски математичари кои постигнаа голем успех и на априлската Европска математичка олимпијада која се одржа во Вилнус, Литванија. И на неа Дамјан давков освои златен медал, додека Ивано Божиновски освои сребрен медал, а Леонид Тодороски се закити со бронза.
Во мај Дамјан Давков на 43. Балканска математичка олимпијада, одржана во Солун, Грција, го освои првото место и се закити со златен медал. На овој натпревар Андреј Тасиќ и Ивано Божиновски освоија бронзени одличја. (Б.Ѓ.)












