Во извештајот на Институтот за варијанти на демократијата („В-Дем“) на Универзитетот во Гетеборг, стои дека на Виктор Орбан во Унгарија му биле потребни околу четири години, на Александар Вучиќ во Србија осум, а на Таип Ердоган во Турција и на Нарендра Моди во Индија околу десет години за да ги задушат демократските институции, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, го постигнал тоа за само една година. Рекордни 41 процент од светското население или 3,4 милијарди луѓе моментално живеат во земји каде што е демократијата во опаѓање
Соединетите Американски Држави повеќе не се демократска држава, туку се движат кон автократија, и тоа побрзо од Унгарија и од Турција. Ова отворено го објави еден од најверодостојните глобални извори за следење на состојбата на демократијата во светот, Институтот за варијанти на демократијата („В-Дем“) на Универзитетот во Гетеборг. Како што објави „Гардијан“, според тој извештај, по повеќе од половина век САД го загубиле својот статус на либерална демократија и сега поминуваат низ забрзан процес на, како што го нарекуваат авторите на извештајот, „автократизација“.
– Нашите податоци за САД датираат од 1789 година. Она што го гледаме сега претставува најтежок степен на демократски пад што е забележан некогаш во таа земја – вели основачот на Институтот, Стафан Линдберг.
Во извештајот стои дека на Виктор Орбан во Унгарија му биле потребни околу четири години, на Александар Вучиќ во Србија осум, а на Таип Ердоган во Турција и на Нарендра Моди во Индија околу десет години за да ги задушат демократските институции, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, го постигнал тоа за само една година. Се додава дека демократијата во САД сега е падната на најниско ниво досега од 1965 година, кога законите за граѓански права првпат воведоа де факто универзално право на глас. Целиот напредок постигнат оттогаш е избришан, се вели во извештајот.
Линдберг забележува дека светот никогаш порано не видел толку многу земји да минуваат низ автократизација истовремено. Рекордни 41 процент од светското население или 3,4 милијарди луѓе моментално живеат во земји каде што е демократијата во опаѓање, со оцена дека Вашингтон го предводи ова глобално оддалечување од демократијата.
Истражувачите користат 48 различни индикатори за да ја проценат состојбата на демократијата, меѓу кои слободата на изразување и медиумите, квалитетот на изборите и почитувањето на владеењето на правото. Добиениот „индекс на либерална демократија“ покажува дека брзината со која се урива американската демократија е без преседан во модерната историја. Според Линдберг, главниот фактор е „брзата и агресивна концентрација на моќ во рацете на претседателот“. Конгресот е маргинализиран, доведувајќи го во прашање системот на „контрола и рамнотежа“ (ограничувања на извршната власт од судската и од законодавната власт), кој е централен за американската демократија. Во исто време, граѓанските права брзо опаѓаат, а слободата на изразување сега е на најниско ниво од 1940-тите.
– Видовме многу брза концентрација на моќ во извршната власт. Законодавната власт ефикасно му ја отстапи власта на претседателот. Таа повеќе не функционира како контрола на извршната власт – вели Линдберг и истакнува дека Трамп потпишал стотици извршни наредби во својата прва година, додека Конгресот донел значително помалку закони, што, според него, дополнително ја замаглува линијата помеѓу извршната и законодавната власт.
Линдберг наведува дека во моментов има повеќе од 600 правни постапки против администрацијата на Трамп, чии извршни наредби се спроведуваат дури и кога ќе ги поништи Врховниот суд. Уште еден аспект на забрзаниот пад на американската демократија, според извештајот, е отстранувањето на внатрешните заштитни мерки што ја штитат федералната влада од злоупотреба на моќ. На прашањето како треба да се толкуваат овие наоди, Линдберг одговара: „Трамп ги отпушти генералните инспектори и повисоките нивоа на државни службеници во различни оддели и ги замени со лојални луѓе. Токму ова го направија Орбан и Ердоган. Тие ги отстрануваат границите на моќта. Досега требаше да биде јасно дека Трамп се стреми кон диктатура“.












