Градот Скопје постави нов билборд на источниот влез во градот наместо претходниот кој содржеше повеќе грешки. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски попладнево на својот профил на Фејсбук објави дека печатена грешка е коригирана.
– Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми – напиша тој во објавата.
Скопскиот градоначалник додаде дека корекцијата Градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП ,,Улици и патишта”.
-Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат! Жално е што поминаа два градоначалнички мандати и никој не го промени знакот ,,Добредојде во Скопје”, кој руиниран стоеше така со години – нагласи градоначалниот Ѓорѓиевски.
Инаку, по реакциите на јавноста на социјалните мрежи, денеска е отстранет билбордот за „Добре дојдовте“во Скопје, кој беше монтиран во петокот вечерта, од страна на градската управа. До ова дојде по бројните реакции на граѓаните и на политичките партии поради изгледот на билбордот поради грешките на него.
Највпечатлива аномалија беше коњот Букефал, кој имаше една вишок нога и стана главен предмет на шеги на социјалните мрежи. Воинот на коњ наместо со класичен антички шлем, беше прикажан со чудно ставена капа, која граѓаните ја опишаа како „капа на отомански бег“ или лик од евтин цртан филм. Камениот мост, пак, беше неприродно издолжен и му беа додадени најмалку четири лака повеќе од реалниот објект. (Б.Ѓ.)












