понеделник, јули 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Епидемија во Гостивар

Епидемија во Гостивар

Гостиварци во вонредна состојба, утре ќе се знае дали е затруена водата

1425

Во Гостивар, деновиве секоја средба почнува со прашањето има ли затруен во семејството. Пред маркетите се купуваат цели пакети со вода во шишиња, семејствата ја распределуваат за пиење, за готвење и за најосновните потреби, а низ градот владее страв дека би можела да потрае кризата. Утре треба да бидат готови резултатите од лабораториските анализи, во меѓувреме Институтот за јавно здравје им препорача на граѓаните да не ја пијат водата од чешма, а забите да ги мијат со купечка вода. Некои од жителите со кои разговараше нашата Редакција велат дека од страв да не се заразат, ги премиваат садовите со вода од шишиња. Состојбата со заразените доведе до чекор од прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар

П. АНТЕСКА

Гостивар влегува во епидемија откако бројот на заболени од гастроентероколит ги надмина епидемиолошките прагови. Додека илјадници граѓани веќе неколку дена живеат без безбедна вода за пиење, а болниците секојдневно примаат нови пациенти со повраќање, дијареја и со висока температура, епидемиолозите велат дека повеќе нема дилема дека станува збор за организирано ширење на заразно заболување кое бара официјална реакција од институциите.

„Нашиот тим ќе предложи да се донесе одлука за прогласување епидемија на заразни болести во Гостивар, бидејќи досега официјално има пријавено 140 заболени од заразна болест, а паралелно се анкетираат и нови пациенти. Заклучивме дека е надминат епидемиолошкиот праг на неделно ниво во споредба со истиот период лани. Од досегашните испитувања, нема индиции дека е труењето од храна. Граѓаните треба строго да се придржуваат кон препораките на Институтот за јавно здравје сè додека не се потврди дека е водата исправна за пиење – изјави д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ.

Тимот од епидемиолози се пожали дека имале тешкотии при анкетирањето, бидејќи дел од граѓаните одбиле да соработуваат.

– Затоа апелираме кога ќе дојдат тимовите на ИЈЗ на терен, да им се овозможи земање примероци и спроведување на епидемиолошките анкети – рече докторот.

А во Гостивар нема куќа каде што нема барем еден затруен. За нашата Редакција, жители раскажуваат дека во последниве денови речиси во секое семејство има член што завршил на инфузија поради повраќање, дијареја и висока температура. Стравот дополнително е зголемен поради фактот што никој сè уште не знае што точно се случило со водоснабдителниот систем и кога ќе може повторно безбедно да се користи водата од градскиот водовод. Посебен проблем, велат жителите, имаат иселениците што летово се вратиле во родниот град. Дел од нив немаат регулирано здравствено осигурување, а токму во текот на престојот во Македонија се соочуваат со здравствени проблеми.

Во градот, деновиве единствена добра вест е солидарноста. Од сите страни пристигнуваат донации со вода во шишиња, општините испраќаат цистерни, а граѓанските организации и доброволците организираат акции за помош. Град Скопје испрати цистерни со пивка вода за жителите на Гостивар. Во Битола за само два часа беа собрани 79 гајби со вода, односно 474 шишиња од литар и пол, како и четири тамиџани вода.

– Ова не се само бројки. Ова се стотици подадени раце, доказ дека кога е најтешко, човечноста победува – порачаа организаторите на акцијата.

 

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар обезбеди 30.000 шишиња вода, кои се делеа на дванаесет пункта во градот и околните населени места, а вода до домовите поделија и од општинската организација на СДСМ.

Во меѓувреме, состојбата во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ и натаму внимателно се следи. Секој ден пристигнуваат нови лица со исти симптоми. Директорот на болницата, Емри Бајрами, вели за ВЕЧЕР дека само во последните 24 часа биле примени уште 220 пациенти.

– Пациентите се со симптоми на повраќање и дијареја, дел од нив имаат и покачена температура. Сите се третирани во дневната болница со инфузиска терапија и симптоматски третман, по што се пуштени на домашно лекување. Засега нема хоспитализирани случаи. Од почетокот на кризата, повеќе од 1.200 жители побараа медицинска помош во нашата установа. Болницата е екипирана и подготвена да одговори доколку продолжи приливот на пациенти. Ќе разговараме и со Министерството за здравство за евентуална дополнителна поддршка доколку продолжи да расте бројот на заболени – изјави Бајрами.

Според него, клиничката слика кај најголем дел од пациентите е слична, што дополнително го потврдува изворот на зараза, кој се бара во водата за пиење од градскиот водовод.

Иако во болницата и натаму пристигнуваат нови пациенти, од Министерството за здравство оценуваат дека кај најголемиот дел од нив клиничката слика е лесна, но поради големиот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан. Според последните податоци, во периодот од 18 јули во 8:00 часот до 19 јули во 8:00 часот, на Инфективното одделение во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи, при што три лица биле задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение биле регистрирани 140 прегледи, од кои 105 нови и 35 контролни, додека во Ургентниот центар биле прегледани уште деветмина пациенти.

– Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува мал. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности – соопштија од Министерството за здравство.

ИЈЗ: Не користете ја водата ниту за кафе, чај, миење заби или за овошје!

Додека траат анализите, Институтот за јавно здравје излезе со обемни препораки, предупредувајќи дека не смее да се користи водата од градскиот водовод практично за никаква намена поврзана со исхраната. Од Институтот препорачуваат граѓаните воопшто да не ја користат водата од водоводот за пиење и за подготовка на храна. Не треба да се мијат овошјето и зеленчукот што се консумираат свежи, ниту да се подготвуваат кафе, чај, сокови или мраз. За доенчињата, храната треба да се подготвува исклучиво со фабрички пакувана вода.

Препораките се однесуваат и на личната хигиена. Забите треба да се мијат само со вода од шишиња, а за туширање и капење да се користи безбедна или превриена вода, при што треба да се внимава да не се голта. Доколку нема безбедна вода, се препорачува употреба на влажни марамчиња и средства за дезинфекција на база на алкохол.

Посебни препораки добија и угостителските објекти. Рестораните и кафулињата не треба да користат вода од водоводот за подготовка на пијалаци, за миење овошје и зеленчук или за производство на мраз. Истите правила важат и за градинките, каде што децата треба да пијат исклучиво вода од шишиња. Од Институтот предупредуваат дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и на паразитарни инфекции, кои предизвикуваат гастроентеритиси.

– Со навремено почитување на овие препораки, значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања што се пренесуваат преку вода. Особено внимание треба да им се посвети на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и на лицата со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешки последици при појава на цревни инфекции – апелира Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде што, по наредба на јавен обвинител, се вршат анализите на примероците од водата.

– Според најавите, резултатите треба да бидат готови в понеделник и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена – информираа од Обвинителството.

Политички судир околу водната криза во Гостивар

Додека институциите ги чекаат резултатите, различни се ставовите околу тоа дали веќе треба официјално да се прогласи состојбата за епидемија. Микробиологот д-р Никола Пановски смета дека повеќе нема дилеми.

– Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. Регистрирани се 1.500 заболени со исти симптоми и најмалку уште 5.000 што не се јавиле на лекар. Во еден град заболеле толкав број луѓе од иста болест и нема услови за прогласување епидемија. Е па браво! Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате – напиша Пановски.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, пак, смета дека прво треба да се утврди точната причина за заболувањата.

– Првите пациенти се јавиле во болницата во Гостивар ноќта на 13 јули и оттогаш бројот е прилично константен. Над 200 граѓани дневно бараат медицинска помош. Клиничката слика кај сите пациенти е слична: благи стомачни проблеми со дијареја, а дел имаат и температура. Најголем дел се третираат со инфузија, витамини и со симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување – изјави Клековски по посетата на болницата во Гостивар.

Тој додаде дека повеќе институции спроведуваат епидемиолошки анкети и лабораториски анализи за да се утврди дали причинителот е бактерија, вирус, паразит, тешки метали или друг извор, поради што засега не треба да се носат избрзани заклучоци.

Политичката дебата, сепак, не стивнува. СДСМ оцени дека фактички постои епидемија и побара таа официјално да биде прогласена за да се овозможи побрза координација на институциите.

–  Наместо да се фокусираат на прогласување епидемија, помош на граѓаните и решавање на проблемот со водоснабдувањето, ВМРО продолжува со истата практика: да ја префрла одговорноста на други и да прави политички поени од туѓа несреќа. Повикуваме на силна институционална реакција, прогласување епидемија, решенија, помош за граѓаните, а потоа и одговорност. Мора да има соодветна истрага и одговорност без разлика за кого станува збор – побараа од опозицискиот СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини локалната власт во Гостивар дека со неодговорно постапување, го загрозила здравјето на граѓаните и побара целосно расчистување на случајот и одговорност доколку се потврдат сомневањата.

– Ова е вистинското лице на локалната самоуправа во Гостивар, предводена од коалицијата СДСМ, ДУИ и Таравари, на ваков непрофесионален, аматерски и незаконски начин ги извршува работните активности за кои ја избрале граѓаните. Ваквиот начин на водење локална самоуправа, кој ги остави граѓаните без елементарното право на чиста и безбедна вода за пиење, е доказ дека СДС, ДУИ и Таравари немаат капацитет да ја водат Општината – соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

На политичките обвинувања одговори поранешниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, кој порача дека јавноста треба да ги почека резултатите од стручните анализи.

– Физичко-хемиските анализи на водата досега не покажале отстапување, а во тек се микробиолошките анализи и дополнителните испитувања. Никој однапред не треба да носи заклучоци. Причината ќе ја утврдат стручните лица врз основа на анализите, а не политичките процени. Не сум заинтересиран за политички натпревар врз грбот на луѓето. Вистината ќе ја кажат анализите, а на сите мои сограѓани им посакувам што побрзо закрепнување – изјави Таравари.

Истрагата за градскиот водовод беше отворена откако во гостиварската болница, за само неколку дена, медицинска помош побараа повеќе од 1.200 граѓани со слични симптоми: повраќање, дијареја, стомачни болки и покачена температура. По наредба на Основното јавно обвинителство Гостивар, полицијата изврши увид кај извориштето во Вруток, каде што, според МВР, постојат сомнежи дека биле незаконски поставени пумпи преку кои се вбризгувала вода од корито со отпадни води во главниот водоснабдителен цевковод за да се зголеми притисокот во мрежата. Поради сомнеж за кривичното дело загадување на вода за пиење, во истрагата се вклучени Обвинителството, МВР, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина и судски вештак, а конечниот одговор дали е водата причината за масовното заболување треба да го дадат лабораториските анализи денеска. Гостиварски „Комуналец“ цело време досега негира дека е труењето од водата за пиење.

 

 

ИЗДВОЕНИ