Американски лекар кој се заразил со ебола додека работел на хуманитарна мисија во Конго е отпуштен од болница во Германија по закрепнувањето од потенцијално смртоносната болест, објавија денес американските медиуми.
Питер Стафорд работел со мисионерската група „Серж“ во Конго кога се заразил со вирусот, соопшти претходно групата.
Тој бил евакуиран во болница во Берлин на 20 мај, а неговата сопруга, исто така докторка која волонтира со Серж, и нивните четири деца исто така биле евакуирани и ставени во карантин, објави „Си-би-ес њуз“.
Стафорд бил лекуван во болницата „Шарите“ во Берлин, една од најдобрите болници во Европа.
Тој примал антивирусна терапија и дополнителни медицински мерки во текот на првата недела, соопшти болницата денес, додавајќи дека неговата состојба постојано се подобрувала за време на лекувањето.
„Од 30 мај, не е откриен вирус во дневните тестови за следење. Во согласност со меѓународно прифатените критериуми, имено целосно отсуство на симптоми повеќе од 72 часа и негативно откривање на вирусот во повторени PCR тестови, надлежниот орган за јавно здравје ја укина наредбата за изолација денес во 12:00 часот“, соопшти германската болница.
Додека беа во карантин, ниту сопругата на Стафорд, Ребека, ниту нивните четири деца не развија симптоми на ебола.
„Многу сме задоволни од успешниот тек на третманот и го сметаме ова за значаен терапевтски успех“, изјави Лаиф Ерик Сандер, директор на Одделот за заразни болести и интензивна нега во „Шарите“.
Стафорд бил изложен на вирусот за време на операцијата во болницата Њанкунде во Бунија, град во источен Конго, соопшти претходно групата „Серж“.
„Добив првокласна нега, вклучително и експериментални терапии кои моментално се тестираат за овој вид вирус“, изјави Стафорд во соопштението објавено од болницата „Шарите“.
Тој, исто така, изрази благодарност до болницата, додавајќи дека неговите мисли се со луѓето во Конго кои немаат пристап до таква нега.
Трет лекар кој работи со групата Серж, Патрик Ларошел, исто така потенцијално бил изложен на вирусот додека работел во болница во Конго.
Тој бил асимптоматски случај и е ставен во карантин во болницата Буловка во Прага, соопшти групата во извештај од 24 мај, пренесува „Танјуг“.












