Амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжи со разгледување на предложените измени од пратениците, при што во претпладневниот дел беа разгледани петнаесетина од вкупно околу 400 амандмани. Ниту еден од нив не доби поддршка од мнозинството.

Опозицискиот СДСМ предложи зголемување на средствата за минималната плата кај буџетските корисници, со цел да се обезбедат финансиски услови за повисоки примања на околу 22.000 вработени во јавниот сектор. Пратеничката Сања Лукаревска образложи дека предлогот има цел да го подобри животниот стандард на работниците со најниски плати, особено во услови на постојано зголемување на трошоците за храна, енергија, превоз и други основни потреби.

Со амандманот се бараше зголемување на средствата за основни плати од 37,7 на 40,6 милијарди денари, како и на придонесите за социјално осигурување од околу 15,2 на 16 милијарди денари. За обезбедување на потребните средства, СДСМ предложи намалување од 3,6 милијарди денари кај ставката за разни трансфери.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, не го прифати предлогот, посочувајќи дека Владата веќе планирала зголемување на средствата за плати. Според него, за 2027 година се предвидени 57,2 милијарди денари наспроти 53,8 милијарди денари по вториот ребаланс на буџетот за 2026 година. Тоа, како што посочи, претставува зголемување од 3,4 милијарди денари, односно околу 6,3 проценти.

Покрај прашањето за платите, дел од разгледаните амандмани се однесуваа на обезбедувањето финансиска поддршка за унапредување на меѓуетничките односи и на правичната застапеност, модернизацијата на собранискиот канал, како и на набавка на систем за следење на службените возила преку ГПС-уреди.

Инаку, пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа вкупно 161 амандман, за кои истакнаа дека се насочени кон развојот на општините и подобрување на локалната инфраструктура. Предложените проекти опфаќаат изградба на детски градинки, старечки домови, локални патишта, водоводни и канализациски мрежи, спортски објекти, катни гаражи, паркови и зелени површини.

Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, оцени дека амандманите одговараат на конкретните потреби на граѓаните и имаат цел да обезбедат рамномерен локален економски развој. Тој предупреди дека во предложениот буџет за 2027 година се предвидува значително намалување на средствата за локалната инфраструктура. Спасовски упати повик до парламентарното мнозинство да ги поддржи предложените проекти, без оглед на политичката припадност на предлагачите. Според него, буџетската проекција не нуди доволно развојни решенија и не одговара на реалните потреби на граѓаните.

Амандманската расправа продолжи во попладневниот дел, со разгледување на преостанатите предлози, а конечната судбина на барањата ќе зависи од поддршката што ќе ја добијат во собраниската Комисија.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ