Депозитите на граѓаните во банките во октомври забрзано растеле, додека кредитирањето на домаќинствата и компаниите продолжило со двоцифрени годишни стапки. Според најновите податоци на Народната банка, депозитите на населението во октомври се зголемени за 1,3 % на месечно ниво, а на годишно ниво растот достигнува 9,4 %. Најголем придонес за зголемувањето имаат повисоките средства на трансакциските сметки, но раст е забележан и кај останатите депозитни компоненти.

Истовремено, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,7 % во однос на септември, додека годишниот раст изнесува 12,6 %. Граѓаните продолжиле да се задолжуваат и за потрошувачки и за станбени потреби, при што станбените кредити бележат годишен раст од 15,9 %, а потрошувачките од 12,3 %.

Кај компаниите, депозитите во октомври се намалени за 0,7 % на месечно ниво, но на годишна основа се повисоки за девет отсто. Кредитите на корпоративниот сектор, пак, бележат годишен раст од 16,1 %.

– Вкупните депозити во банкарскиот сектор се зголемени за 9,3 % на годишно ниво, додека вкупната кредитна активност пораснала за 14,3 %. Паричната маса М3 бележи годишен раст од 8,9 % – покажуваат податоците на Народната банка.

 

ИЗДВОЕНИ