сабота, ноември 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „АЛТА банка“ од понеделник ќе отвори експозитура и во Прилеп, клиентите ќе...

„АЛТА банка“ од понеделник ќе отвори експозитура и во Прилеп, клиентите ќе можат да подигнат до 20.000 денари – и експозитурите во Струмица и во Тетово продолжуваат со работа

27

Во насока на проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, од понеделник, 16 ноември, со работа започнува и експозитурата на Банката во Прилеп, информира Народната банка. Во експозитурата, клиентите кои имаат платежна сметка, но не поседуваат платежна картичка, ќе можат да подигнат готовина до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.

Продолжуваат со работа и филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. На шалтерите во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Од Народната банка потсетуваат дека од 10 ноември клиентите на Банката повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство.

Притоа, важат следните лимити: до 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите кои немаат платежни картички.

Лимитите се пресметуваат збирно за сите сметки на клиентот во Банката и ги опфаќаат сите начини на плаќање и повлекување средства – плаќања со картички во продавници и преку интернет, подигнување готовина од банкомати и на шалтерите во експозитурите, како и плаќања преку електронско и мобилно банкарство. Од Народната банка посочуваат и дека физичките лица можат неограничено да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“, доколку средствата се префрлени од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги.

Ова значи дека средствата што граѓаните дополнително ќе ги добијат на своите сметки по овој основ ќе можат да ги користат без ограничување на износот. Во однос на компаниите, овозможена е исплата на платите, заедно со соодветните даноци и придонеси, за оние компании кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во „АЛТА банка“ АД Битола.

 

ИЗДВОЕНИ