петок, ноември 13, 2026
Дома БАЛКАН Ги тепале, ги давеле, им се потсмевале: По смртта на Периш, поранешни...

Ги тепале, ги давеле, им се потсмевале: По смртта на Периш, поранешни пациенти раскажуваат хорор-приказни од престојот во хрватската психијатриска клиника во Јанкомир

1

Случајот со смртта на 32-годишниот поранешен атлетичар Кристијан Јосип Периш во психијатриска болница во Хрватска што го згрози Балканот, по сè изгледа дека не е единствен случај во кој биле малтретирани пациенти. Додека се чека епилогот по обвинението на четворица медицински техничари за убиство, а снимките од сигурносните камери на кои се гледа како тие вршат насилство врз него се појавија на Интернет, хрватските медиуми добиваат пријави од луѓе со трауматични искуства од згрижувањето во болницата во Јанкомир. Деновиве, во хрватската телевизија РТЛ се јавиле барем 70 луѓе за да кажат дека биле малтретирани таму. За разлика од Кристијан, кој влегол во болницата за да му помогнат, а излегол во сандак, тие останале живи, но со трауми што ќе ги следат целиот живот.

Како што е познато, Кристијан почина вечерта на 21 октомври, во психијатриската клиника „Свети Иван“. За неговата смрт се осомничени четворица медицинска техничари, кои, како што се гледа од снимката на назорните камери, му ги затегнувале ремените, му ставиле перница на главата, со колено му го притискале вратот… сè додека не го испуштил последниот здив, а потоа почнале со реанимација.

Лошото искуство во таа болница го раскажа Габриела Станиќ од Самобор, во емисијата „Директ“ на РТЛ, која се нашла таму поради шокот што го доживеала кога го изгубила синот во предизвик на „Тик-ток“. Сепак, на најлошиот ден од нејзиниот живот, наместо утеха, вели таа, доживеала нов шок во болницата.

– Почнав да плачам и реков дека сакам да си одам дома. „Не можеш да си одиш дома, не можеш да си одиш дома, не можеш да си одиш дома“. Ме зграпчија, седнаа до мене, зборуваа. Беа тројца или четворица. Бев слаба и млитава од шокот бидејќи не поминаа ни 12 часа откако татко ми го извади детето од кревет, вели Габриела за РТЛ Директ.

Потоа раскажува дека персоналот бил многу нервозен затоа што плачела неутешно, а таа агонија траела со часови. Вели дека најмногу ја понижила докторката, од која, бидејќи била жедна, побарала чаша вода.

– Ја стави чашата на шкафчето, кое беше можеби на два метра од креветот. Реков: „Не можам да ја дофатам водата бидејќи сум врзана“. Таа рече: „Тогаш гледај ја. Нема да ја добиеш додека не престанеш да плачеш, а сега гледај ја“, раскажува Габриела.

Таа во емисијата вели и дека некои медицински техничари им се потсмевале на пациентките за време на туширањето, пред сè за изгледот.

Стравотно искуство во таа болница имала и млада жена од југот на Хрватска. Поради проблем со алкохолот, таа доброволно побарала помош во „Свети Иван“. Наместо да ја лекува, тврди таа, техничарот што го гризнала за време на интервенцијата буквално ќе ја задушел.

– Ја зеде навлаката од перницата, ја завитка бидејќи очигледно го налутив. Стоеше веднаш зад мене додека петмина ме држеа и ме влечеше со неа за гркланот, константно влечеше. Не можев да дишам. Никако!, вели поранешната пациентка на болницата „Свети Иван“.

Додава дека додека била во болницата, шестпати ја претепале.

Голем број поранешни пациенти кои се јавиле во РТЛ рекле дека додека се лекувале во болницата грубо ги врзувале, ги задушувале со перница или со чаршаф, ги удирале, не им давале вода, ги понижувале и им ставале инјекции со сила. Деновиве е објавен и податокот дека за три години, во болницата во Јанкомир починал 201 пациент.

 

ИЗДВОЕНИ