среда, август 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СКОПСКИОТ АПЕЛАЦИСКИ СУД ПРАВОСИЛНО ПРЕСУДИ: Ослободителна пресуда за Никола Груевски во случајот...

СКОПСКИОТ АПЕЛАЦИСКИ СУД ПРАВОСИЛНО ПРЕСУДИ: Ослободителна пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“

0

Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, откако ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје. Одлуката е донесена по нејавна седница одржана на 26 август, по разгледување на списите од предметот и земајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Од Апелациониот суд наведуваат дека не биле изведени докази со кои би се потврдило дека Груевски, во својство на одговорно лице во политичката партија, постапувал спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Според образложението на судот, дејствата што ги презел Груевски како одговорно лице во партијата биле во рамките на неговите овластувања.

– При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејства од страна на обвинетиот Н. Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката, Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту, пак, постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, да ги врати тие средства – информираат од Апелација.

Во 2022 година, Груевски беше првостепено осуден на шест години затвор, а Кирил Божиновски доби условна казна. Со таа пресуда беше наложена и конфискација на партискиот имот, но подоцна, одлуката беше укината од Апелација, по што судењето започна од почеток. Основниот кривичен суд, на 14 јули, го ослободи Груевски во повтореното судење и го одби барањето за конфискација на партиското седиште. При објавувањето на пресудата, судијката Даниела Алексовска-Стојановска посочи дека врз исходот влијаеле измените на Кривичниот законик од 2023 година. Таа тогаш нагласи дека анализата на доказите и утврдените факти не била променета во однос на претходното судење. Со оваа правосилна одлука, ВМРО-ДПМНЕ ја задржува сопственоста врз седиштето, чија актуелна вредност се проценува на околу 14 милиони евра, како и врз друг имот вреден околу два милиони евра, кој со години беше под мерки.

ИЗДВОЕНИ